Димитров: Ќе ѝ подадеме рака на опозицијата, имаме златна шанса пред нас

 Допрва јавноста ќе суди, а и историјата ќе каже каков чекор бил Преспанскиот договор во однос на достинството и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ. Можеме да дебатираме за мислења, но факт е дека овој Договор ни ги испорача членството во НАТО и зеленото светло за ЕУ. Дури и оние што тврдат или декларативно се против Преспанскиот договор, се повикуваат на него во делот на македонскиот јазик, рече вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров.

Во гостување на ТВ Сител, Димитров напомена дека сега, во овој момент, е најбитно како ќе ја испишеме новата страница со Грција.

Имаме целосен пресврт во односите со Грција. Сега ќе патуваме заедно со премиерот Заев. Отворивме нова страница. Токму денеска грчкиот премиер изјави – „ние имаме некои дилеми, забелешки околу Преспанскиот договор”. Но, тој Договор е ратификуван и треба да се почитува. Убаво би било и кај нас да го заокружиме овој процес. Прашањето е како да ја испишеме новата страница со Грција. Факт е дека овој Договор ни ги испорача членството во НАТО и зелено светло за ЕУ. Потребни ни се што повеќе конкретни проекти, посебно од областа на економијата и граничните премини за граѓаните од двете страни да видат што носи ова ново пријателство за нас и за соседите. Ќе се обидеме да разговараме за заедничка владина седница. Ова треба да настојуваме да го добиеме со сите наши соседи. Многу е значајно да се фокусираме на она што можеме да го смениме, на денешнината и иднината. На минатото сме горди, мора да најдеме начин да си го зачуваме достинството ако сакаме напред, но минатото не можеме да го смениме, а нашата генерација мора да покаже дека може да создава вредност, истакна Димитров.

Во однос на Европската унија и подготвеноста на земјава за преговори, Димитров најави засилување на тимот, но истакна и дека Владата и подава рака на опозицијата за соработка на патот кон ЕУ.

-Институциите се луѓето. Ќе има рестартирање и скок во СЕП. Сите граѓани со образование и искуство во областа на евроинтеграциите би ги повикал, да се мобилизираме, да застанеме заедно, јас ќе направам сé целиот потенцијал да биде вклучен во тим што ќе турка сериозно напред. Пред нас имаме златна шанса, европското законодавство и стандарди да ги доенсеме дома и на хартија и во реалноста. Околу фондовите, немаме луксуз да бидеме бавни за да ги стигнеме Европа и европскиот стандард. Скоро ќе излезам со пресек каде сме сега и каде сакаме да одиме. Годините пред нас се исклучително важни. Да се бориме, да соработуваме и во дневната политика на овие прашања. Ние како Влада ќе ѝ подадеме рака на опозицијата зашто имаме златна шанса пред нас, подвлече вицепремиерот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот