Димитријевиќ: Одбив понуди од НБА, мојот сон е да играм во Евролигата

фото: kfsm.mk

Еден од најдобрите македонски кошаркарски репрезентативци сезонава игра на позајмица во Уникс Казан од редовите на Валенсија. Ненад Димитријевиќ (24) за своите одлични игри во понеделникот беше прогласен за најдобар македонски кошаркар во странство за 2022 година. Ја подели сезоната на два дела, првиот во топлата Шпанија, вториот во доста поладната Русија.

Нено е новиот „број еден“ на Уникс, Казан местото каде ја продолжува својата играчка надградба. Оваа година која полека ја оставаме зад нас, ќе ја паметиме неговата неверојатна тројка во Нествед, која ја шокираше Данска, но и „циркускиот шут“ во „Кале“, некоја вечер подоцна, кој ја најави победата против Словачка, вовед во беспрекорната серија на сениорите во евро-квалификациите.

– Им благодарам на сите на наградата. Секогаш е голема чест да се добие награда во сопствената држава. Голем поздрав од Русија – порача во кратката видео-порака, Димитријевиќ од Казан, а пренесува КФСМ.

Димитријевиќ во интервјуто за рускиот „БИЗНЕС Онлајн“ ги сподели неговите амбиции за во иднина, што беше причината да биде дел од кошарката, за своето искуство во Шпанија. Неговиот сон е да игра во Евролигата, а одбил неколку понуди од НБА, не е познато кои екипи покажале интерес за Македонецот.

– Отсекогаш целта ми била да играм во Евролигата. Многу играчи велат дека нивниот сон е НБА, а мојот е Евролигата. Гледав натпревари како дете, ги паметам пресметките на Панатинаикос и Макаби. Не сум заинтересиран и не гледам НБА-лига. Може само да направам исклучок за некои мечеви во плеј-офот, или некои кратки видеа на Инстаграм. Евролигата е комплетно поинаква и секој кој ја разбира кошарката го знае тоа – вели Димитријевиќ.

Еве што одговори нашиот плејмејкер на прашањето дали сака да биде дел од најсилната кошаркарска лига на светот, НБА:

– Бев на драфтот, ми предлагаа да потпишам двонасочен договор. То го одбив, по што се договорив со Валенсија. Искрено не се сеќавам на нив, имаше два-три клуба кои имаа понуди (од НБА) до мојот агент. Не сакав да одам во НБА и да седам на клупа, или да играм во Џи-лигата. Мора прво да се докажеш во Евролигата, па дури потоа да размислуваш за НБА – рече Димитријевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот