Детектор: Македонија назадува во спроведувањето на европските реформи

Мнозинството граѓани сметаат дека Македонија назадува во спроведувањето на реформите за постигнување на европските стандарди. Исто, мнозинството граѓани се свесни дека почетокот на преговорите за членство со Европската Унија нема да ни ги реши домашните проблеми. Ова го покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Институтот за политички истражувања  за емисијата Детектор на „Сител“.

Според анкетата, 42,6 отсто од граѓаните сметаат дека во последните неколку години има уназадување во однос на реформите што се потребни за постигнување на европските стандарди, а 15,4 отсто гледаат напредок, додека 31,6% не гледаат никакви промени.

Според етничките групи, 53,8 отсто од Македонците сметаат дека има уназадување, само 7,7 отсто сметаат дека има напредок, а 29,5 отсто од анкетираните Македонци не гледаат никаква промена.

Кај етничките Албанци 38,7 отсто регистрирале напредок во реформите за постигнување на европските стандарди, додека 38,3% не гледаат напредок. Само 8,8 отсто од Албанците сметаат дека земјава назадува во спроведувањето на потребните реформи.

Гледано по возрасни групи, уназадување во најголем дел регистрираат граѓаните меѓу 40 и 49 години, а во најмал дел најмладите на возраст од 18 до 29 години.

За мнозинството граѓани стартот на преговорите со ЕУ не треба да биде пречка за спроведување на реформите. Од анкетираните, 54 отсто сметаат дека реформите може да се спроведуваат без разлика дали земјава ги почнала преговорите со официјален Брисел, додека 19,4 отсто се на ставот дека прво мора да почнеме преговори за да може да се спроведуваат неопходните реформи.

Мнозинството граѓани сметаат дека со стартот на преговорите нема да се решат проблемите кои земјава ги има во однос на здравството, образованието, судството и останатите области.

Ваков став делат 53,7 отсто од анкетираните додека 33,1% сметаат дека со стартот на преговорите овие проблеми ќе се решат.

И за ова прашање Македонците и етничките Албанци имаат сосема различни ставови. Додека 60,3 отсто од Македонците сметаат дека стартот на преговорите со ЕУ нема да ни ги реши проблемите, 51,7 отсто од етничките Албанци се убедени во спротивното.

По возрасни групи нема некоја голема разлика во ставовите, иако како што расте возраста на испитаниците така расте и нивната убеденост дека со стартот на преговорите во ЕУ нема да се решат проблемите кои Македонија ги има во образованието, судството, здравството и.т.н.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот