Десетици загинати и повредени во Газа додека чекале на ред за храна

Фото: Твитер

Најмалку 20 Палестинци се убиени а уште 150 се ранети во израелски напад врз градот Газа во четвртокот додека чекале во ред за помош во храна, соопшти Министерството за здравство на Хамас, што палестинската коалиција го нарече „воено злосторство“.

Израелската војска соопшти дека го истражува извештајот.

Палестинската коалиција на милитантни и политички групации Комитетот на националните и исламските сили за надзор (The National and Islamic Forces Follow-up Committee), објави дека израелските сили нападнале цивили кои чекале хуманитарна помош. Десетици беа убиени и повредени, с наведува во нивното соопштение, нарекувајќи го „воено злосторство и геноцид“.

Палестинските здравствени власти соопштија дека во израелски воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Нусеират во центарот на енклавата Појасот Газа загинале шест лица. Во јужниот дел на Појасот Газа, израелски тенкови ги гаѓаа областите околу две болници во Кан Јунис, велат жителите.

Претставници на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во северниот дел на Појасот Газа рекоа дека ситуацијата со храната во областа е „апсолутно страшна“, а хуманитарните работници соопштија дека очајните луѓе кои очигледно гладувале ги ограбуваат ретките пратки со помош.

Повеќето од 2,4 милиони жители на Појасот Газа побегнаа во Кан Јунис и градовите северно и јужно од градот, откако беа протерани од северната половина на малата енклава со израелската воена операција која трае четири месеци.

Најмалку 50 Палестинци загинале во изминатите 24 часа во Кан Јунис, соопштија палестинските здравствени власти. Израел почна да повлекува дел од единциите од северните делови на Појасот Газа, кој сега во голема мера го контролира и ги фокусира своите напади врз Кан Јунис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот