Дерматолог Сузана Камберова: Кандидата е најчест причинител на инфекција кај пеленскиот дерматит

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Во денешно време, кога хигиената е на високо ниво и достапни се, речиси за секого, безброј препарати за нега на бебињата и децата, голем број родители, се збунети и исплашени кога ќе забележат зацрвенета, влажна кожа со секрет и воспаление во гениталната регија на своето бебе, т. н. „пеленска регија“ . Тоа е делот од кожата покриен со пелени. За што, всушност, станува збор: несоодветна хигиена, инфекција или нешто трето, објаснува примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог.

Кои фактори придонесуваат за настанување на пеленски дерматит?

– Пеленскиот дерматит, како што обично се нарекува, е причинет од група на фактори кои делуваат истовремено, а во основа претставува воспаление на кожата предизвикано од контактна иритација. Во регијата покриена со фабричките тетра пелени, кои денес речиси без исклучок ги заменија памучните пелени, се создаваат изменети локални услови – се покачува влажноста на кожата, која не се впива во целост, а потоа настанува „мацерација“ или разранување на влажната кожа од триење. Таквата кожа, веќе со самото тоа, има нарушен интегритет, односно бариерна функција. Зголемената влажност, значи, ја прави кожата поподложна на оштетувања од физички, хемиски или ензимски (биолошки) фактори. Преку влажната кожа се зголемува и апсорпцијата на иритантните супстанции во кожата, а сето тоа истата ја воспалува.

Поради што доаѓа до бурна воспалителна реакција?

– Кога вака оштетената кожа подолго време е во контакт со урина или измет, како и со некои од супстанциите во самите пелени и со препаратите во вид на масти и креми, со кои кожата била намачкана за нега, се појавува бурна воспалителна реакција, која најчесто е ограничена на регијата под пелената.
Еден ензим (уреаза) кој нормално се наоѓа во клетките од најповршниот слој од кожата, го ослободува амонијакот од урината и од бактериите населени на кожата. Амонијакот во допир со кожата пече и го интензивира воспалението. Други, пак, ензими како липази и протеази во фекалиите се мешаат со урината и ја менуваат пХ на кожата што дополнително ја влошува иритацијата. Интересно е дека изметот кај деца кои се хранети со мајчино млеко е со пониска пХ вредност, па и самата оваа реакција не е толку изразена, што ги прави овие деца поотпорни на пеленски дерматит. На сета оваа каскада од реакции, дополнителен иритирачки ефект даваат и жолчните соли од фецесот, кои ја интензивираат реакцијата на овие ензими.

Значи, сѐ започнува како иритантно воспаление на кожата (иритантен дерматит), кој сам од себе и во комбинација со други супстанции биолошки и хемиски, потоа се влошува.

На вака оштетената кожа лесно се накалемува инфекција. Најчесто причинител за инфекцијата е кандидата. Два до три дена по започнување на воспалението се умножува кандидата и прави дополнително воспаление. Кандидата се смета за најчест причинител на инфекција кај пеленскиот дерматит, лесно се појавува, бидејќи нормално постои во овие регии, а влажна средина и погодува за размножување.

Се смета дека речиси една третина од децата, кои носат пелени, го имаат овој дерматит барем еднаш. Најчесто се појавува на возраст од 9 до 12 месеци.

Кои деца се најмногу подложни на пеленски дерматит?

– Децата со дијагноза за атопичен дерматит (склоност кон контактни алергиски реакции) почесто страдаат од пеленски дерматит, зошто бариерната функција на нивната кожа е веќе изменета. И кај здрави деца, почесто се појавува пеленски дерматит доколку страдаат од дијареја (пролив) со три и повеќе столици на ден, или, пак, земаат антибиотик поради друго заболување. Освен тоа, и други поретки состојби може да започнат како пеленски дерматит, но делумно изменетата клиничка слика и упорноста на состојбата не наведува да помислиме на друго заболување во основа, како псоријаза (наследен тип), или, пак, недостаток на цинк и биотин во исхраната. Недостатокот на цинк се должи најчесто на неможноста истиот да се ресорбира во цревата, па овие деца имаат ретка или слаба коса, дерматит во гениталната регија и чести дијареи (пролив). Овие се ретки состојби, кои бараат одделно лекување.

Како се третира оваа непријатна појава?

Пеленскиот дерматит не е сериозна, но е исклучително непријатна состојба и понекогаш постои потреба од лекување за да се смири воспалението и да се обнови кожата. По можност, првично треба да се отстранат сите фактори погоре опишани, кои довеле до иритација на кожата. Истовремено треба да се смири воспалението и инфекцијата со кандида, доколку ги има, со соодветни локални препарати, а потоа да се обнови бариерната функција на кожата и да се спречи задршка на влага на нејзината површина. Мошне добри резултати се добиваат со локални препарати на база на цинк оксид.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот