Денес се празнува: Сретение Господово

Сретение Господово
Сретение Господово

Во четириесеттиот ден по Рождество, Пресветата Дева Го донесе својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бога, а самата да се очисти (3Мој. 12, 2-7; 2Мој. 12, 2). Иако не беше потребно ни едното ни другото, сепак Законодавецот никако не сакаше да се огреши кон Законот којшто Самиот го беше дал преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј. Во тоа време во храмот држеше чреда првосвештеникот Захарија, таткото на Свети Јован Предвесник. Тој ја смести Богородица не на местото за жени, туку на она за девојки. Во таа прилика во храмот се јавија две необични личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. Праведниот старец го зеде на своите раце Месијата и рече: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, зошто го видоа очите мои спасението Твое.“ Уште рече Симеон за Младенецот Христос: „Еве, овој лежи за подигање и паѓање на мнозина во Израилот.“ Ана, пак, која од младоста Му служеше на Бога во храмот во пост и молитва, и самата Го позна Месијата, па Го прослави Бога и им објави на јерусалимјаните за доаѓањето на Долгоочекуваниот. А фарисеите присутни во храмот, штом видоа и слушнаа сè, се разгневија на Захарија зашто ја постави Дева Марија на местото за девојки и му јавија за тоа на царот Ирод. Уверен дека тоа е Новиот Цар за когошто говореа ѕвездогледците од Исток, Ирод брзо испрати да Го убијат Исуса. Но, во меѓувреме Божественото семејство веќе поодмина од градот и, според упатство на ангелот Господов, се упати кон Египет. Денот Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот