Дендиас во дипломатска офанзива да се тргне бугарското вето?

Никос Дендиас Бујар Османи
Никос Дендиас и Бујар Османи во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Зголемената динамика на посети и средби на високи европски функционери со државниот врв, но и упатените пораки, дека Македонија е на вистинскиот пат, како и најавеното пристигнување во земјава на германскиот канцелар Олаф Шолц, според познавачите на состојбите, говори дека балонот со оптимизам се „пумпа“ за тргање на бугарското вето а разговорите со Софија влегуваат во нова фаза.

Политичкиот аналитичар Милан Стефановски смета дека зголемените дипломатски посети на земјава ќе донесат нешто ново, а тоа нема да бидат нови услови и наши отстапки во однос на Бугарија за нашата евроинтеграција. Според Стефановски посетата на Дендиас ќе биде нов обид за тргање на бугарското вето.

Политички аналитичар Милан Стефаноски

– Беа потребни само шест денови за да се премостат 55 години поминати во недоразбирања меѓу МПЦ/ОА и на СПЦ и да се дојде до помирување. Слично како и со спорот меѓу Скопје и Атина стар три декади околу името, насокоро ќе имаме решение и со бугарската страна. Убеден сум дека западната наша дипломатска поддршка која деновиве е присутна во различни форми е насочена и создадена за дијалог и дипломатија кои на крајот секогаш ќе го донесат компромисот. Останува не извесно само времето во денови кога ќе ги надминеме недоразбирањата и со Софија – вели Стефановски.

Од друга страна анализирајќи ја динамиката на посети и средби, поранешниот амбасадор Ристо Никовски оценува дека влегуваме во финалната фаза спорот со Бугарија, но во исто време потсетува дека решението со Софија нема да го забрза нашето членство во ЕУ.

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

– Се случуваат сериозни промени во Европа, поточно во ЕУ, која веќе дефинитивно ни порача дека проширување тешко ќе има, најавите за одредени посети треба да сигнализираат дека тоа е само реафирмација на западниот интерес за нашиот регион. Очигледно за нас останува како алтернитава и т.н. Отворен Балкан којшто е американска идеја која ќе даде можност државиве од регионот меѓусебно пошироко да се поврзат и добра е најавата дека и Црна Гора веројанто ќе се приклучи. Чинам дека и БиХ ќе го направи тоа додека за Косово ќе биде потешко заради односите со Србија. Во секој случај регионот се соочува со нова реалност која де факто го официјализира ставот на Брисел дека влез во Унијата ќе нема најмалце 20 години – истакнува Никовски.

Инаку, во тек на денешниот ден според најавите се очекува да пристигне во земјава грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас. Според најавите темите за кои министерот на надворешни работи на Грција Дендиас ќе разговара со неговиот македонски колега Бујар Османи се дополнително зајакнување на билатералните односи во сите области меѓу двете земји, европската перспектива на Северна Македонија, спроведувањето на Договорот од Преспа, случувањата на Балканот како и ситуацијата во Украина. 

Согласно агендата, Дендиас при еднодневна посета на Македонија, покрај средбата со Османи се очекува во попладневните часови да биде примен и од премиерот Димитар Ковачевски, како и од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот