Дебата: Медиумите имаат клучна улога во инклузивно известување за време на пандемија

Фото: mia.mk

Медиумите имаат важна улога во одржувањето на солидарноста и почитувањето на различностите, како и клучна улога во подигањето на свеста за прашања што влијаат на различни групи во општеството. Покрај промовирањето на слободата на изразување и демократските вредности, медиумите имаат улога и во инклузивно известување за различноста, особено во овој период на пандемија.

Ова беше истакнато на онлајн дебатата „Инклузивно известување за различностите во медиумите во време на ковид-19″, во организација наСоветот за етика во медиумите (СЕММ) и во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Шефот на Отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Илона Казарјан, истакна дека говорот на омраза, дискриминацијата, стигматизацијата и изоставувањето на гласовите и искуствата на маргинализираните групи, претставуваат сериозни и загрижувачки проблеми во која било земја и оти медиумите имаат важна улога во одржувањето на солидарноста, почитувањето на различностите и градењето вистинско инклузивно општество.

– Истражувањето покажа дека во овој период на пандемија жените ретко се консултираат како експерти и тие честопати се појавуваат како жртви на вирусот во медиумските стории, отколку како посебни индивидуи, истакна Казарјан.

Приказните за ромската заедница, додаде таа, околу наводно ширење на вирусот или неспособност да се усогласат со превентивните мерки само разгоруваат негативни слики и предрасуди кон оваа група.

– Нагласувањето на лицата со попреченост од хуманитарни аспекти, или нагласувањето на возрасниот јаз, зависноста или кревкоста на постарите лица во самите вести, не само што ја поткопува положбата на овие групи граѓани, туку исто така ги нагласува стереотипите и стигматизацијата, рече Казарјан.

Според неа, во вакво опкружување, новинарите и медиумските професионалци имаат клучна улога во подигањето на свеста за прашања што влијаат на различни групи во општеството.

– Спротивставување на стереотипите и дискриминацијата, корекција на погрешни перцепции и стигматизација, запирање на ширењето на дезинформации и обезбедување разновидно објективно и избалансирано известување. Се надевам дека овој настан ќе ни помогне да разбереме како може подобро да се осврнеме на некои од овие примери. Да се заложиме за инклузивно известување за различноста и да станеме сојузници во одбраната на човековите права покрај промовирањето на слободата на изразување и демократските вредности, заклучи Казрјан.

Катарина Синадиновска, претседателка на Совет на етика на медиуми истакна дека медиумите имаат исклучително важна одговорност во известувањето во вакви процеси.

– Кога почна целата пандемија имавме очекувања и како Совет за етика и како професионалци дека имајќи предвид оти се работи за вирус што сите не нападна, на нешто што е поврзано со јавното здравје и заштита на граѓаните, дека медиумите ќе бидат поодговорни и нема да известуваат согласно оние практики што обично се известува за политички настани и процеси. Сепак ова е јавно здравје и очекувањата беа дека одговорноста ќе биде поголема. За жал, низ годинава видовме дека многу медиуми ги напуштија новинарските стандарди дури и кога се работи за една ваква сеопшта траума, рече таа.

Нагласи дека имаше говор на омраза, стереотипи, дискриминација по различни основи, виктимизација на жртвите и она што е најстрашно, рече, неточни и непроверени информации.

– И нашата статистика тоа го покажува, дека најмногу се прекршува членот 1 што налага објавување на точни и проверени информации што значи и дека во едно ваков период сме биле оставени на информации на вести што не поминале низ неопходниот филтер на проверка, нешто што е работа и на новинарите и на самите редакции. Што значи дека јавниот наратив и простор обземен со лаги и шпекулации и полуинформации. Кога се работи за јавното здравје тоа може да биде многу опасно и да чини понекогаш живот. И наша работа е да застанеме на страната што ќе се бори против овие појави, подвлече Синадиновска.

Неда Чаловска-Димовска, експертка за родова еднаквост, малцинства и недискриминација, рече дека пандемијата ни покажа дека што и да сме знаеле и да сме сметале дека сме направиле во изминатите години, сето тоа се врати назад и оти овие групи повторно станаа најранливи, повторно станаа најисклучени и останаа да бидат најневидливи.

– Ова се групите кои се секогаш на маргините – не се вклучени во сите општествени процеси затоа на времето на пандемијата станаа и повторно на крајот од приказната. Според законот за заштита од дискриминација маргинализирана група преставува една грипа на поединци која ги обединува една специфична положба и секако дека се мета на голем број предрасуди и стереотипи, рече Чаловска-Димовска.

Вели дека во нашето општество предрасудите и стереотипите постојат навистина многу, заради тоа што, оцени, освен граѓанскиот сектор, години наназад не се работеше на разбивање на овие стереотипии и предрасуди.

– Да не се лажеме дека само нашето општество е дискриминаторско, исклучувачко или подложно на стереотипи и предрасуди. Тие постојат во маргинализираните групи на глобално ниво. Секаде, во секое општество, постојат стеротипи и предрасуди. Единствената разлика е како државата ќе работи на тоа да ги разбива овие стереотипи и предрасуди и да обезбеди системска поддршка за вклучување на маргинализираните групи во општествените текови, заклучи Чаловска-Димовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот