Давитковски: Нема политичка волја да се затворат бугарските здруженија

Нема политичка волја да се затворат бугарските здруженија на граѓани во Македонија, вели професорот Борче Давитковски во врска со битолското здружение „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис“, кои откако се отворени ја брануваат македонската јавност поради нивните скандалозни називи и неприфатливи статути со кои се промовираат и величаат ликови кои соработувале со фашистичка Германија.

– Нема политичка волја. Ако сакаше власта веќе ќе ги затвореше клубовите, затоа што и актуелниот Закон за здруженијата не дозволува регистрација на организиации што промовираат национална и верска нетрпеливост. Според Законот, надзор на неговото спроведување врши Министерството за правда. Ако во Министерството има кадарни луѓе, не зборувам за министерот, туку за секторот што работи со невладините организации, ако тие го прочитале законот и ако се кадарни веднаш со решение требаше да му наложат на Централниот регистар да го поништи уписот на здруженијата додека не се исправат спорните моменти во документацијата – вели професор Давитковски за „Утрински печат“.

Тој објаснува дека секое здружение кога оди да се регистрира во Централниот региостар приложува одлука за основање, статут и програма за работа за една година и Централниот регистар ги разгледува тие три составни елементи.

– Во Централниот регистар може да знаат, може да не знаат да ја проценат содржината, но ако е повреден член 4 став 2 од Законот за здруженијата, при вршење на надзорот Министерството за правда требаше со решение да ги избришат двете здруженија – вели Давитковски.

Тој вели дека наместо тоа, власта направи непотребни правни гимнастики со измена на Законот за здруженијата со кои им даде рок од три месеци да ги сменат називите.

– Но, се постави прашањето за ретроактивното делување на законот, кое според Уставот, не се применува ако не е поповолно за граѓаните, а во овој случај не е поповолно за странкикте, па ќе се отвори голема дубизоа. Зошто им требаше тоа? Веднаш кажав дека треба да се постапи според член 4 став 2 од законот и така ќе излезевме сериозни како влада. Ние направивме и ад-хок комисија за употреба на имиња на истриски личности, но таа комисија не е предвидена во законот, па во процедурите не е пропишана потребата да се обезбеди нејзиното мислење – вели Давитковски.

Според член 4 став 1 од Законот за здруженијата и фондациите правото на слободно здружување на граѓаните се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи…, за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законоте. Ставот 2, на кој укажува професорот Давитковски посочува дека „се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено

кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, ако презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или

Законите и ако се повредуваат слободите и правата на други лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот