Дали ВМРО-ДПМНЕ ја „откачува“ Данела?

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Делува уникатно овој план на Арсовска за игнорирање на јавноста: ем нема ништо значајно со што може да се пофали по шест месеци на челната градска функција, ем иритира со својата „активна блокада“ кон јавноста. Личи на рецепт за катастрофа; ама, којзнае, можеби е некоја нова комуниколошка и политичка космодиск-стратегија чии резултати допрва ќе ги жнееме

Во Скопје е во тек еден значаен општествено-политички експеримент: ќе успеат ли граѓаните и Градот да ја преживеат својата градоначалничка Данела Арсовска која не прифаќа да комуницира со јавноста преку вообичаените канали за тоа, низ Градскиот совет и преку широката палета на медиуми кои, вака, немаат речиси никаков нормален пристап до неа?

Резултатите од овој експеримент нема да имаат само практична вредност за состојбите во градот, туку ќе бидат значајни и за политичката и комуниколошката теорија, воопшто. Можеби ќе се покаже дека игнорирањето на јавноста од позиција на извршна и политичка моќ е продуктивен начин за водење на јавните работи, во што спаѓа и трошењето на јавните пари… Или не?

Како и да заврши, тој експеримент ќе има последици врз ВМРО-ДПМНЕ чијашто (поддржана) кандидатка за градоначалничкото место пред шест месеци беше г-ѓа Арсовска. Нејзината ароганција минатата недела ја почувствува и проф. Трајко Славески, кој не е само нејзин демократски „шеф“ како претседател на Советот на Градот, претставувајќи ја и својата партија, туку е и пример за еден толерантен и цивилизиран политичар на ова испостено кадровско политичарско поднебје – игноранцијата на градоначалничката, Славески со право ја чувствува и како лична навреда и дрска демонстрација на непочитување, бидејќи госпоѓата не наоѓа за потребно дури ни „предварително“ да го извести зошто не присуствува на седницата на Советот кога се на ред прашањата од советниците.

Во меѓувреме, Арсовска по шест месеци поминати на чело на Градот делува уште позбунето од енигматичноста на главните предизборни цели со кои се кандидираше за тоа место. На пример, кога нејзините опоненти во изборната кампања ја прашуваа со кои пари мисли да ги финансира блескавите проекти што ги најавуваше, таа беше лично навредена од таквите логични сомневања… И по 200 дена на чело на Градот – додуша, со неколку невешто одглумени медиумски драмолетки – само ги продолжи проектите со кои Шилегов бараше реизбор за градоначалник: околно уредување на изградените мостови и булевари, реконструкција на Универзалната сала, подготовка на брзиот транспортен автобуски систем, редовни асфалтирања на улиците, неколку кружни текови на северниот излез од Скопје… Засадувањето пролетни цвеќиња по уличните жардиниери, потшишувањето на тревата по парковите и редовното чистење на дивите депонии се прогласи за остварување на „големите проекти“ на новата градска власт. Следува (или помина?) прскањето против комарците што, претпоставувам, ќе биде претставено како уште еден голем успех од списокот на предизборни ветувања на градоначалничката.

Се разбира дека нема ништо од главната тема со која Арсовска се натпреваруваше за челото на градот: бесплатниот автобуски превоз за скопјани. Дознавме дека тој проект е одложен (барем) за две години, а дотогаш цели општини повремено ќе остануваат без редовни градски автобуски линии заради доцнењето на градските исплати кон приватните автобуски превозници, додека на чело на ЈСП за шест месеци се променија двајца в.д. директори, кои поим немаат што сака Арсовска од нив. Се пролонгира почетокот на изградбата на Бас-рапид системот за јавен транспорт (да, и тој проект на Шилегов ќе мора Арсовска да си го продолжи), а најавата за купување десетици електрични автобуси денеска делува уште пофантастично дури и во споредба со периодот кога градоначалничката се скандализираше од прашањата со кои пари мисли да ги купи тие автобуси. Таа и денеска верува дека таквите прашања се злонамерни, па и мизантропско-шовинистички, само затоа што е „способна жена“ на чело на Градот! Додека нѐ замајува со „женственоста“, доказите за нејзината „способност“ сѐ уште тревожно ги очекуваме…

Всушност, околу набавката на тие автобуси, како да се чувствува одредена напнатост меѓу нејзините и плановите на лидерот на опозицијата Мицкоски, кој најави и изградба на фабрика за такви автобуси во Скопје. Ништо поподробно не дознавме ни за тоа, нема ни кога ни кого да прашате за тие планови, но не е тешко да се претпостави дека сумата и потеклото на парите е најверојатно во центарот и на тие недоразбирања. Ако не се договорат за парите, Мицкоски нема да си дозволи да биде „политичка жртва“ на небулозните финансиски фантазии на Арсовска, која тој скап проект, тежок десетици милиони евра, планира да го изведе со некакви идни „донации“ од приватниот сектор во државава. Како не, ред се чека со уплатници во рацете.

На ВМРО-ДПМНЕ мора да им станува сѐ појасно дека во континуираниот опозициски проект за итно предвремено рушење на „неспособната“ и „корумпирана“ Влада од власт, токму Арсовска може да им се покаже како еден од главните фактори за неуспех, како „камен околу вратот“ за компромитација дури и на среднорочните политички амбиции на опозицијата. Проектот за враќање на власт на национално ниво им се развлекува, а почетните резултати од власта со која сега доминантно располагаат на општинско и градско ниво не нуди уверливи аргументи за нивната „опеана“ способност дека имаат поголем капацитет за управување со и решавање на проблемите.

Затоа и делува уникатно овој план на Арсовска за игнорирање на јавноста: ем нема ништо значајно со што може да се пофали по шест месеци на челната градска функција, ем иритира со својата „активна блокада“ кон јавноста. Личи на рецепт за катастрофа; ама, којзнае, можеби е некоја нова комуниколошка и политичка космодиск-стратегија чии резултати допрва ќе ги жнееме.

Видео на денот