Дали Мурињо може да ја смени тажната историја на Тотенхем на „Енфилд“
Тимот од Лондон неверојатни 73 години немаше победа на стадионот на Ливерпул.
Фокусот на англиската фудбалска јавност вечерва ќе биде насочен кон „Енфлид“ каде се среќаваат лидерите во Премиер лигата, Ливерпул и Тотенхем.
Покрај тоа, интересот на навивачите на Ливерпул го привлекува и Жозе Мурињо кој седи на клупата на Тотенхем. Неговата „војна“ која ја водеше со Рафаел Бенитез во 2000-тите години, голот на Луис Гарсија во полуфиналето од ЛШ 2005 година, големото ривалство помеѓу Челси и Ливерпул како и познатото лизгање на Џерард пред седум години кога „црвените“ не ја освоија титулата, го направија Мурињо најомразена личност на „Енфилд“.
Сепак, со доаѓањето на Јирген Клоп на клупата на Ливерпул се сменија работите и екипата е една од најдобрите во Европа не само во Премиер лигата, а токму Германецот е директен виновник за отказот на Мурињо во Манчестер јунајтед кога го победи со 3:1 на „Енфилд“.
Но, освен Мурињо, кошмарни спомени од „Енфилф“ има и Тотенхем.
За тоа какви хорор искуства има Тотенхем на гостувањата во Ливерпул најдобро покажува податокот дека тие неверојатни 73 години немаа победено на „Енфилд“.
Имено од 1912 година па се до 1985. Тотенхем не знаеше како изгледа да се победи на култниот стадион на Ливерпул.
Победата пред 35 години на Тотенхем му ја донесе резервистот Мики Хазард кој го совлада Брус Гробелар и кога се изгледаше дека со прекинувањето на проклетството тие ќе дојдат до титулата, во финишот на сезоната влегоа во серија порази и му дозволија на вториот тим од Ливерпул, Евертон да ја освои титулата.
Во 110-годишната историја, Тотенхем на „Енфилд“ гостувал 77 пати и победил само на шест натпревари, единствено Њукасл и Манчестер сити има повеќе порази од нив на теренот на Ливерпул.
Но, од друга страна, Жозе Мурињо како тренер на Челси во два наврати и на Манчестер јунајтед, има позитивен скор во натпреварите со „црвените“. Португалецот против Ливерпул играл 29 натпревари и има 12 победи, девет нерешени натпревари и осум порази.