Црната статистика од Ковид-19 станува се полоша, во Македонија расте процентот на починати

Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Иако успешно ја избегнуваме ситуацијата наеднаш да се јават поголем број на заболени кои здравствениот систем нема капацитет да ги прифати, сепак се уште е висок бројот на починати пациенти.

Зголемениот број на смртни случаи кои беа регистирани последните денови ја качи ја стапката на смртност кај пациентите со Ковид 19. Овој процент на 25 април беше 4,4 проценти, на 26 април 4,6, а вчера веќе се искачи на 5,1. Црната статистика на Ковид 19 покажува дека, иако успешно ја избегнуваме ситуацијата наеднаш да се јават поголем број на заболени кои здравствениот систем нема капацитет да ги прифати, сепак се уште е висок бројот на починати пациенти.

Вкупната бројка на пациенти со Ковид-19 кои завршиле со смртен исход е 73 смртни случаи (5,1 отсто).  Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=46) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 12,0/100.000 жители. Регистрирани се 51 смртен случај кај лица од машки и 24 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 55 (75,3 отсто) се регистрирани коморбидитети.

Според старосната структура, на возраст од 20 до 29 години има 2 смртни случаи, од 30 до 39 години има исто така два смртни сличаи, а од 40 до 49 годишна возраст има 8 смртни случаи. Бројот на починати на возраст од 50 до 59 години е 15 смртни случаи и над 60 годишна возраст има 46 смртни случаи. И покрај барањето да се даде старосна структура и за пациентите над 60 години, од Министерството за здравство нема одговор.

Најмногу починати и највисока стапка на морталитет има во Струга 18,2 отсто или 12 случаи, потоа Тетово со стапка од 7,9 отсто или 6 случаи и Дебар со стапка од 7,8 отсто или четири починати.

Паѓа во очи дека починатите се почесто без историја на патување, а има и такви кои не даваат информација дека биле во контакт со заболен од Ковид-19.

Вчера на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на 50 години, хоспитализиран на 6 април. Пациентот 17 дена бил на механичка вентилација. На клиниката за онкологија почина пациент на 51 година од Прилеп чиј позитивен резултат на ковид-19 пристигнал вчера. Ова е втор случај на пациент кој почина на оваа клиника.

Во последнава недела најмногу починати имаше на 27 април, кога црниот биланс се зголеми за 6. Се работи за лица на возраст од 50-75 години од Скопје, Прилеп и Тетово. Кај починатите лица биле присутни симптоми и истите биле хоспитализирани. Кај четири лица се регистрирани коморбидитети. Сите случаи се без историја на патување, а само два случаи биле во контакт со веќе потврден случај во државата. Ден претходно беа регистиреани четири смртни случаи. Се работи за лица на возраст од 46-82 години од Куманово, Тетово и Битола. Кај починатите лица биле присутни симптоми и истите биле хоспитализирани. Кај две лица се регистрирани коморбидитети. Немале историја на патување и не биле во контакт со веќе потврден случај во државата.

Од пациентите кои се приклучени на апарати засега никој не се опоравил, но меѓу починатите има и такви кај кои болеста се развива многу брзо и во болница доаѓаат во многу тешка состојба и умираат уште пред да бидат приклучени на апарати.

И споредбата со земјите од регионот покажува дека треба да се направи нешто повеќе околу лекувањето на пациентите со ковид-19 за да не завршуваат фатално. Според статистичките податоци кои прикажуваат број на починати на еден милион жители, кај нас оваа бројка изнесува 35, во Бугарија е 9, во Србија и во Босна и Херцеговина 20, а во Грција 13. Полошо е само во Словенија каде на еден милион жители има 43 починати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот