Мирослав Грчев - Архитект и универзитетски професор - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мирослав Грчев - Архитект и универзитетски професор - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Цивилизирање на примитивните варвари

Сите случаи на подмолни декапитации се криминално дело на освојувачките империи, и сите без исклучок се лажно и коварно прикажани од владејачкиот „слободен свет“ како оправдани интервенции на „цивилизирање“ на примитивни и опасни варвари. И сите, помалку или повеќе, ја голтнавме оваа одвратна лага.

Историјата на уништувањето на моќните царства на Ацтеките и Инките од страна на две банди на човечки олош е стара и веќе секому позната, но со својата безмерна трагичност таа е толку поучна колку што е за неверување.

Кога Ернан Кортес, на чело на своите петстотини разбојници, едно сончево јулско утро 1519 година, згазнал на песоците на денешниот Вера Круз, тој не се двоумел ниту секунда, туку на вџашените домородци што никогаш не виделе суштества какви што биле шпанските авантуристи – во светкави метални оклопи, јавнати на огромни животни, со пушки и топови што блуеле оган и смрт на далечина, со еден збор, застрашувачки вонземјани – тој им соопштил дека доаѓа во мир, како пратеник на големиот крал на Шпанија, и побарал да го однесат директно кај ацтечкиот цар Монтезума II.

Ацтеките – водени од сопствените правила за гостопримство и дипломатска пресретливост – му дозволиле на Кортес со неговите вооружени бандити да влезе кај Монтезума со сите дипломатски почести. Сред разговорот, Кортес го потегнал оружјето и ги искасапил сите чувари на Монтезума (инаку, вооружени само со дрвени палки со камени завршетоци), и го зел домаќинот како заложник. Држејќи го царот на централизираното царство заробен во неговата сопствена палата, Кортес со манипулации ја разделил империјата втурнувајќи во меѓусебни судири различни народи и племиња, предизвикал граѓанска војна и за неполни две години ја поробил повеќемилионската земја на Ацтеките.
Само десетина години подоцна, една друга „битанга“, Франциско Писаро, со банда авантуристи и убијци од само 168 луѓе упаднал во уште поголемото Царство на Инките, и го покорил и уништил дури и за покусо време! На кој тоа неверојатно инвентивен начин Писаро го надбил огромното и добро организирано царство, ќе прашате? Тој едноставно го сторил истото што и Кортес: лажно се претставил како мировен гласник, закажал дипломатска средба и на измама го грабнал Атавалпа, владетелот на Инките, за потоа да го издроби царството на меѓусебно непријателски племиња и да го претвори во историска прашина, а домородечките народи во робје!

Оваа подмолна и крајно коварна метода, среде ѓоа мировни преговори или друга слична дипломатска активност за фрлање на маскирна магла за да се изврши брз напад врз политичкиот и раководниот врв на целната држава и нејзина декапитација, значи да се убие или киднапира водачот, потоа да се нападне со воена сила помогната со внатре раскараните различни племенски или етнички групи, да се раздели земјата помеѓу нив, за на крајот сите да се потчинат на агресорот, како што тоа го направија шпанските конквистадори пред четири века, секој денес би помислил дека било можно само тогаш и само во ситуации на судир помеѓу технолошки безмерно нерамноправни цивилизации. Но овој избрзан заклучок би бил исто толку неточен, зашто методата се употребува за освојување и уништување на цели општества и високоразвиени цивилизации од почетокот на историското време па до денешен ден.

Истото сценарио за уништување на општества со декапитација и етничка или племенска разделба е применувано од првата недоносена деценија на долгиот 21 век, и тоа со НАТО бомбардирањето на СР Југославија 1999. Резултат на интервенцијата е декапитација на земјата и нејзин распад, окупација на Косово од страна на копнените сили на НАТО и подоцнежното прогласување на независност на некогашната покраина.
Буквално истата метода е употребена и против Авганистан во октомври 2001 година, среде ултимативните преговори на САД со Авганистан со цел да им биде предаден водачот на Ал Каеда кој се криел во земјата. По суровите бомбардирања следеше копнена инвазија која се потпираше на внатрешната племенска поделба што за неколку месеци успеа да го собори режимот на талибанците што беа на власт. Крајниот резултат беше бескрајна граѓанска војна и окупација што однесе повеќе стотини илјади животи, расели милиони Авганистанци и го уништи и така исцрпеното општество.

Уништувањето на Ирак во 2003 година беше резултат на воена инвазија предводена од САД и Обединетото Кралство, започната на 19 март 2003 година, се разбира, среде ултимативни преговори со Садам Хусеин за предавање на непостоечките залихи на оружјето за масивно уништување. На воената инвазија на САД ѝ се придружија дури 48 земји, што резултираше со декапитација на државата, егзекутирање на Садам, поделба на земјата помеѓу непријателските етнички заедници и окупаторски сили, длабока и непоправлива секташка поделеност, и комплетно уништување на општеството со приближно милион жртви во следната деценија и кусур години.

Сирискиот случај е сличен по внатрешната структура: внатрешна граѓанска војна, поделба на земјата на повеќе делови што ги држат владини сили, разни племенски и секташки побунети групи, соседни држави стрвници и окупаторски сили што ги црпат природните богатства на земјата. Растурањето на земјата започна во 2011 година со противвладини протести кои беа киднапирани од глутницата соседни земји и, се разбира САД, кои од самиот почеток ги поддржуваа побунетите паравоени формации. Декапитацијата на Сирија не успеа цели 13 години, но земјата е за тоа време успешно уништена, а убиени се најмалку половина милион луѓе и раселени се повеќе од 8 милиони Сиријци.

Во истото време, 2011 година, уништена е и Либија, и тоа со успешно изведеното основно сценарио: напад и декапитација среде преговори, при што декапитацијата е и снимена во живо со садистичко убивање на Гадафи. Зафатот на бомбардирањето на земјата ко божем заради заштита на цивилите, е извршен од страна на Франција, Велика Британија и САД, за потоа да се придружи вообичаената волчја глутница составена од Канада, Италија, Белгија, Данска, Норвешка, Шпанија и Катар. Резултатите се уживаат и ден денес, во поделена и неконтролирана држава, уништено општество, хаотична граѓанска војна помеѓу различни милиции, племенски групи и фракции, со паралелни институции, нестабилни внатрешни граници, милиони раселени и угнетени цивили и трајна и бесконечна безбедносна криза.

Бандитската декапитација на Венецуела, неизоставно среде преговори, за среќа не продолжи во граѓанска војна и поделба на земјата, од проста причина што венецуеланската потпретседателка што ја презеде власта по киднапирањето на претседателот Мадуро подготвено и услужно ѝ ги отстапи на Трампова Америка своите нафтени богатства.

И, последната интервенција на американската Империја против Иран, повторно среде меѓусебните преговори, почна со подмолно убиство на иранскиот врховен водач и продолжи со воздушни напади против воени и цивилни цели, како и важни патни и стопански инфраструктури. И оваа интервенција беше планирана по декапитацијата да продолжи со граѓанска војна помеѓу различните етнички и племенски групи, поделба на земјата и уништување на општеството и на древната цивилизација, што за среќа сѐ уште е неостварен план.

Има ли поука ова тегобно редење на успешни подмолни декапитации на уредени па макар и опресивни, теократски или недемократски општества, нивно расцепкување на делови, предизвикување на граѓански војни и дефинитивно уништување на цивилизациите и освојување на нивните природни ресурси? Се разбира дека нема.

Но, сепак, вреди да се напомене дека сите наведени случаи се криминално дело на освојувачките империи, и сите без исклучок се лажно и коварно прикажани од владејачкиот „слободен свет“ како оправдани интервенции на „цивилизирање“ на примитивни и опасни варвари. И сите, помалку или повеќе, ја голтнавме оваа одвратна лага. Но, јас повторно скршнав од темата. А, да, зборував за кутрите Ацтеки и Инки…

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот