ЦИП повторно апелира до надлежните да престане оштетувањето на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно

Локалитетот Влахо со оштетени и уништени делови / Фотографија: Лоран Бајрами

Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) извести дека археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно и понатаму се оштетува поради експлоатација на јаглен. За жал, и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжува со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба.

Како резултат на овој крајно неетичен чин, целосно е уништена источната периферија на локалитетот со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот.

При девастирачките работи со багери оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и др. Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини.

План со приказ на оштетувања на локалитетот Влахо

Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот.

– Ваквото неодговорно уништување на археолошки локалитети е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство. Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа воедно дава и лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство – алармираат од ЦИП.

Приказ на уништувањето на локалитетот во источниот дел / Фотографија: Лоран Бајрами

Поради своето големо значење и екслузивност, најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание „Антиквити“, кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација.

Приказ на оштетени ровови на локалитетот

– Од тие причини, неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има – посочуваат од Центарот за истражување на предисторијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот