Денеска во 12 часот, со пунктови низ цела Македонија, започна граѓанската иницијатива за собирање на потписи за поништување на Законот за попис. Бројни членови на опозициската партија веќе се потпишаа против пописот.

– Го дадов мојот потпис против фалсификат попис. Да поддржиме европски и вистински попис. Да спречиме кражба, да ја тргнеме политиката од статистиката, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Потпис за фер попис. Многу добра атмосфера и голем интерес кај граѓаните на општина Аеродром за иницијативата за регуларен попис на населението во Македонија, според сите европски стандарди, напиша на својот профил и Антонио Милошовски којшто е присутен на пунктот во Аеродром.
Претходно Христијан Мицкоски, рече дека најголемата опозициска партија одлучила на извршниот комитет да собира потписи против предлог-законот за попис доколку владеачкото мнозинство не го повлече од Собранието.
– Доколку тоа не се случи, по очигледната злоупотреба на европското знаменце, ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира и ќе поднесе иницијатива за собирање на потписи за предлог-закон за поништување на овој предлог-закон што треба да се донесе по насилен пат, рече тој.