Царовска: Владата ќе го продолжи процесот за подигнување на достоинството на наставниците

Мила Царовска / Фото: Фејсбук, Мила Царовска

Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата може многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини што тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца. За среќа, нашата држава има токму таков наставен кадар, вели министерката Мила Царовска во честитка по повод Светскиот ден на учителот 5 Октомври.

Посакувајќи им на сите наставници добро здравје и уште многу индивидуални и колективни успеси, Царовска наведува дека нашиот нставен кадар е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, како би биле подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21 век.

Посочува дека партнерски работи со наставниците на крупните промени за подобро образование, а и дека е потребна целосна сплотеност во општеството за ги поддржиме нивните напори, да ги охрабриме и уште повеќе мотивираме за ефикасно и ефективно исполнување на секојдневните обврски кои, како што вели, „за волја на вистината, многу често не им завршуваат со завршување на часовите во училиштето”.

– Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес, наведува Царовска.

Додава и дека наскоро ќе има значајни измени на Законот за наставниците и стручните соработници во основните училишта, кој е заглавен во Собранието.

– Иако во моментов постојат политички субјекти кои се противат на неговото усвојување без никаква оправдана причина, туку од чиста политичка побуда, сигурна сум дека ќе постигнеме целосна политичка согласност и ќе ги усвоиме, овозможувајќи им на наставниците полесно да се вработуваат во училиштата, оние кои работат со договори на определено, да добијат трајни решенија и економска и правна сигурност, да почне редовното исплаќање на додатоците на плата кои ги заслужуваат, но исплатата не е правно регулирана, а платата да им се зголемува континуирано со секое зголемување на минималната плата, истакнува министерката за образование и наука.

Лично и во име на МОН и Владата, Царовска им се заблагодарува на просветните работници што ги едуцираат децата, со порака да продолжат да ги мотивираат критички да размислуваат, да ја развиваат нивната креативност и иновативност.

– Во меѓувреме, вложувајте во себе и користете ги можностите кои ги создаваме за вас. Драго ни е што ве имаме за сојузници и верувам дека така ќе продолжи да биде. Затоа што само заедно можеме да го направиме образованието поквалитетно, да им овозможиме на децата иднина каква што заслужуваат, а на државата развој во посакувана насока, порачува Царовска по повод Светскиот ден на наставникот.

Извор: МИА

ВИДЕО| Светски ден на учителите: Учениците веќе не ги поздравуваат со станување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот