Царовска: Учениците од најрана возраст треба да ги препознаваат и да дејствуваат против сите форми на насилство

Мила Царовска
Мила Царовска / Фото: Министерство за образование и наука

Министерката за образование и наука Мила Царовска се приклучи кон одбележувањето на годинашната кампања против насилство врз жени и девојчиња со порака дека насилството не смее да се премолчува и дека сите заеднички треба да дејствуваме.

– Затоа, со новата Концепција, кај учениците уште од најрана возраст развиваме свесност и ги учиме да ги препознаваат и гласно да зборуваат против сите форми на насилство, вклучувајќи го и насилството врз девојчињата и жените. Постојаното гласно зборување и дејствување против родово базирано насилство ја зајакнува борбата и нè прави уште посилни и солидарни во добивањето на оваа важна битка, а одбележувањето на 16 дена активизам е само потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство, дискриминација и нетолеранција, истакнува Царовска во пораката.

Посочува дека МОН посветено работи низ образовниот процес да ја подигне свесноста кај учениците за родово базираното, но и воопшто за сите други форми на насилство, што треба да придонесе за намалување и искоренување на насилството во сите сегменти во општеството.

– Токму во таа насока се и заложбите на Министерството за образование и наука – со воведувањето на новата Концепција, учениците низ образовниот процес да се стекнат со основните општествени вредности, како што се толеранцијата, почитувањето на различностите и еднаквоста. Со реформските процеси учениците од најрана возраст учат да препознаваат и да дејствуваат против ненасилно однесување со што треба да придонесеме за намалување на насилството во општеството. Чекор напред во оваа борба е и повлекувањето на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување. Од оваа учебна година има нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите, наведува Царовска.

Позитивно влијание треба да има и воведувањето сексуалното образование во деветто одделение, се посочува во пораката на министерката, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.

– Освен во образованието, изминатите години владата направи многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Ратификувана е Истанбулската конвенција, засилена е мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество, истакнува Царовска по повод двонеделниот активизам против насилство врз жени и девојчиња.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот