„Цар Борис“ во Охрид ќе го пречекаат протести

Фото: royalbulgariaincolour.com / Wikipedia

Повикувам масовно граѓаните да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, повика Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повика на масовни протести во Охрид, каде што утре напладне ќе биде отворен бугарски клуб со контроверзно име „Цар Борис Трети“, со што најголемата опозициска партија се приклучи на повикот на партијата „Левица“ за изразување на незадоволството по повод тешката провокација од здружението што го отвора овој клуб.

Мицкоски повика протестот да биде мирен, демократски и без инциденти, „за да не се дефокусира јавноста“.

– Протестот е демократско право и треба да се протестира, но повикувам тој да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние што ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, а тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Повикувам граѓаните масовно да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува – изјави вчера Мицкоски во Бутел, по поставување камен-темелник за изградба на градинка.

Еврејската заедница поднесе кривична пријава

Еврејската заедница, како што најави, поднесе кривична пријава за бугарскиот клуб во Охрид. Претседателот Пепо Леви во телевизиски настап завчеравечер истакна дека се згрозени од отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола што се случи во април годинава и од најавеното отворање на клубот со името „Цар Борис Трети“.

– Најавивме и поднесовме кривична пријава. Потребно е време да се приложат докази, да се подготви пријавата и во тоа успеавме. Ангажиравме адвокатска куќа и во понеделникот ја упативме кривичната пријава до Јавното обвинителство во Охрид за отворање на здружението под тоа име. Се надевам дека ЈО ќе реагира доста брзо. Сите знаеме кој е Цар Борис Трети – рече Леви.

Тој во емисијата „24 анализа“ покажа фотографија од бугарскиот цар Борис Трети како се поздравува со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер. Претходно, во друг телевизиски настап Леви рече дека „остро се спротивставуваат на повампирувањето на ликови од фашистичкиот период на Бугарија“ и дека именувањето на клуб по таква личност е директна провокација.

– Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво – рече Леви.

И локалниот огранок на Левица во Охрид неодамна информираше дека до ОЈО Охрид поднеле иницијатива за забрана на новоотвореното здружение „Цар Борис Трети“.

„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис Трети“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци! Не за славење крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер!“, повикаа од Левица на протестот што ќе почне во 11.30 часот на улицата „Македонски просветители“, пред ТЦ „Амам“.

Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков во врска со силните реакции во Македонија по повод отворањето на клубот изјави дека е „добро е да се одмеруваат реакциите“.

– Добро е да се биде ладнокрвен, да се размислува пред да се зборува и да се решаваат работите прагматично во тоа што го обезбедува договорот за добрососедство – рече Милков.

Тој додаде и дека „ако името Цар Борис Трети е проблем, гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем.“

Ангелов: „Цар Борис“ се отвора за да биде оштетен, тешка провокација

Името на вториот бугарски „културен“ клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, е кристално чиста, злонамерна провокација. Исто како и името на првиот клуб „Ванчо Михајлов“, напиша вчера на својот фејсбук-профил Стојанче Ангелов.

– Исто како и првиот, и вториот клуб се отвора за да биде оштетен, запален или уништен, со што би се продлабочила веќе загрижувачката нетрпеливост и омраза помеѓу Македонците и Бугарите. Кому тоа му одговара? Кој е реалниот инспиратор на овој валкан напад врз односите помеѓу Македонија и Бугарија, помеѓу Македонците и Бугарите и индиректно помеѓу Македонците и Албанците? Особено сега кога Македонија е на почетокот на преговорите со ЕУ – прашува Ангелов.

Затоа, вели тој, како држава и како народ треба да покажеме мудрост и да не наседнеме и на оваа директна провокација, чија цел е да се изнуди реакција од македонска страна.

– На отворањето на клубот ќе се испосликаат неколкуте домашни, од неодамна „освестени Бугари“ со нивните гости од Бугарија и толку. Тешко дека по отворањето на клубот некој друг ќе влезе во него. Затоа што во Македонија безмалку и да нема Бугари. Така велат резултатите од пописот (само 3.505 Бугари), така зборуваат и резултатите од гласањето на Бугарите од Македонија на парламентарните избори во Бугарија од пред неколку дена (650 гласачи) – додава Ангелов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот