Бугарија упорна за вето, Македонија за договор

epa07343100 Bulgarian Prime Minister Boyko Borisov (R) welcomes Macedonian Prime Minister Zoran Zaev (L), during the official meeting in Sofia, Bulgaria, 04 February 2019. Macedonian Prime Minister Zoran Zaev arrived on an official visit in Sofia. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Бугарскиот амбасадор завчеравечер на состанокот во Брисел повторно не дозволи да се усогласи текстот на преговарачката рамка за Македонија ако во него не се внесат бугарските барања. Бугарското вето опстојува и покрај притисокот од Германија преговорите да почнат до крајот на годината, а тоа го потврди и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ, кој дури побара Македонија „да вложи дополнителни напори и да излезе во пресрет на загриженоста на Бугарија за да се најде решение прифатливо за двете страни“.

– Тоа е прашање на политичка волја, ангажирање и одлучност. Европската комисија изрази подготвеност да помогне во пронаоѓање на решение – рече тој.

На домашната сцена пак, како сите да се помирени дека годинава нема да почнат преговорите со ЕУ, па копјата силно се кршат околу новоименуваниот специјален претставник за Бугарија Владо Бучковски – заради неговите неодамна искажани ставови за бугарската ТВ Европа кумановскиот градоначалник од СДСМ Максим Димитровски го нарече предавник, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неговото именување гледа „апокалиптично сценарио“. Самиот Бучковски, пак, е убеден дека ќе најде решение, но, не за седум дена.

Еврокомесарот Вархељ вчера доби критика во една анализа на угледниот „Политико“ дека е многу мек кон Софија по прашањето на бугарската блокада за Македонија. Според „Политико“, клучен фактор за надминување на бугарската блокада е германското претседателство, а не Вархељ.

На последниот амбасадорски состанок завчера заради барањата на бугарскиот амбасадор темата за проширувањето била тргната од дневниот ред и не се дискутирало ниту за преговарачката рамка на Албанија, а не биле усвоени и заклучоците за Западен Балкан. Како што јави МИА, Бугарија побарала во заклучокот за Македонија да се додаде уште еден пасус поврзан за историјата, кој бил дел од заклучокот од јули 2018 година и гласи: „Ова треба да им стави крај на сите барања базирани на погрешна интерпретација на историјата“, но останатите земји не се согласиле оваа реченица да биде наведена специфично за Македонија, туку им било прифатливо да стои како општа опсервација за сите земји од Западен Балкан.

Следниот состанок на кој амбасадорите евентуално можат да се договорат за преговарачката рамка е на 8 декември.

И покрај тоа што Бугарија не отстапува од ветото, официјално Скопје има оптимизам дека ќе се најде решение до состанокот на Советот на министри на ЕУ на 9 декември.

– Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Интензивно работи нашата комисија, имаме инструменти кои ни ги дава Договорот за пријателство и соработка. Она што го знам врз основа на слични кризни ситуации, кога се молчи е подобро за посакуваното решение. До последен момент ќе треба да се бориме – рече Бучковски.

Според него, решението не е само во историските прашања, туку и во инфраструктурните и заедничките капитални проекти, соработката во образованието, културата и медиумите итн.

Неговото именување за специјален преговарач предизвика низа реакции и веќе неколку дена ја бранува јавноста. Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ги осуди неговите изјави за ТВ Европа.

„Парафразирањето на Бучковски дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави (ставот на соседот) и повикот до нашите историчари да излезат од рамките на историографијата на поранешната држава (НОБ, АВНОЈ и АСНОМ) се чин на велепредавство“ – напиша Димитриевски на Фејсбук.  

Според ВМРО-ДПМНЕ Со Бучковски ќе биде извршено „ново предавство врз македонскиот народ, нација и држава.

– Ќе биде извршена асимилација на македонскиот народ. На маса се македонската историја, македонскиот јазик, традиција, обичаи и откажување од македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед. За сето ова преговара Бучковски по налог на Зоран Заев. Го предупредувам македонскиот народ на будно следење на тоа што се подготвува – рече лидерот Христијан Мицкоски на последниот протест.

Поранешниот премиер Бучковски во посоченото интервју рече дека е непобитен факт дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, но, „ако во овој момент во Македонија се тера тезата за еден народ во две држави, тоа ќе предизвика повеќе штета отколку корист“.

Тој повика на дебата во македонското и во бугарското општество за да се даде јасна насока во која треба да се движи работата на мешовитата комисија, чија работа ја смета за клучна. Според Бучковски, „ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и кој ќе се обиде да чепне во јазикот е противник на приближувањето на двете земји“.

ИЕП: Секоја отстапка ќе води кон нова отстапка

По која цена и за која добивка Македонија треба да ги прифати бугарските барања, анализира Институтот за европска политика, кој смета дека ако се попушти на едно барање, всушност ќе мора на сите, а за премала добивка.

„Нашата црвена линија се македонскиот јазик и идентитет. Во сегашнава ситуација нејасно е за која цена ние би го добиле само чекорот усвојување на преговарачка рамка и евентуално нејзиното претставување на првата меѓувладина конференција. Нејасно е кои барања од бугарска страна се поставени под македонската црвената линија. Ова е особено значајно, затоа што сите барања се поврзани, така што согласноста со едно дава легитимитет и на другите барања. Секоја отстапка може води кон натамошна отстапка“, предупредува Институтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот