Бруталност кон мигрантите

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Дали српските власти и „Фронтекс“ станаа стратегиски партнери во кршењето на човековите права?

Балканската мигрантска рута, заедно со онаа преку Медитеранот, и понатаму е најактивниот пат за бегалците кон Европската Унија, ама има сè повеќе сведочења дека одбраната е проследена со непочитување на основните човекови права на оние што бегаат од војни, глад и беда.
Европската агенција за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“ констатира дека бројот на прекршувања на илегален влез во ЕУ од Западен Балкан лани се намалил за 31 отсто, но индикативна е и промената во јазикот на извештајот на агенцијата, која се опишува како „очите и ушите на Европа“. Порано се говореше за „правата“ на мигрантските групи. Сега се користи терминот „илегални премини“ со посебен акцент на „илегални“.
Европскиот парламент токму деновиве изгласа законска рамка што го менува начинот на кој блокот го решава прашањето на азилот. Новата политика, усогласена по години расправа, предвидува членките на Унијата да не ги процесираат самостојно барањата за азил, туку одговорноста се распоредува на сите 27 членки.
Лидерите говореа за „историски ден за Европа“, но активистите за човекови права предупредуваат: „Реформите ќе значат помала заштита и поголеми ризици во соочувањето со прекршувањата на човековите права низ Европа, вклучувајќи насилни протерувања, арбитрарни апсење и дискриминаторско следење“, смета Еве Геди, шефица на европската канцеларија на Амнести интернешнел.
„Фронтекс“ не е имун на контроверзии. Пред три години припадници на Агенцијата што ја сочинуваат тим од 2.500 експерти и полициски службеници беа обвинети дека учествувале или набљудувале насилство врз приближно 130 мигранти. „Фронтекс“ ги демантираше овие обвинувања од европскиот Советодавен форум за основни права, но неговите активности беа истражувани од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) и од Европскиот парламент, поради што некое време беше блокирано одобрувањето на буџетот на Агенцијата, која за периодот од 2021 до 2027 година изнесува повеќе од 11 милијарди евра.
Лани беше започната истрага за улогата на „Фронтекс“ во една од најголемите трагедии во грчките води, кога во бродолом кај островот Пилос во јуни 2023 година настрадаа повеќе од 600 лица. Наводно знаеле дека бродот е преоптоварен, но не започнале на време акција за спасување.
Повеќето операции на „Фронтекс“ се на надворешните граници на ЕУ, но проширени се и на земјите од мигрантските маршрути, какви што се Албанија, Црна Гора, Молдавија, Северна Македонија и Србија. Спогодбата помеѓу ЕУ и Србија за управување со границите стапи на сила на 1 мај 2021 година и на припадниците на „Фронтекс“ им дава извршни овластувања, вклучувајќи и примена на оружена сила (во склад со националното законодавство) и уживаат полн имунитет од кривичното судство на Србија.
Во Србија сè поприсутно е насилството кон 100.000 „луѓе на пат“, колку што лани поминаа низ земјата. Како сето тоа се случува пред очите на полицајците на „Фронтекс“, организација што во текот на изминатите 20 години се разви до една од најважните агенции на ЕУ?
Во Србија, каде што патролите на „Фронтекс“ се секојдневни, активистите на организацијата Кликактив – Центар за развој на социјални политики, сведочеа во 2023 година дека припадници на Агенцијата учествувале во насилно протерување луѓе што привремено засолниште нашле во напуштени објекти на северот, кон Унгарија, како и во нивното насилно преместување на југ, што подалеку од надворешната граница на ЕУ.
– Ангажманот на „Фронтекс“ во Србија дефинитивно не е доволно транспарентен и ние за нивните активности, всушност, дознаваме од самите бегалци, со работа на терен и од разни други извори. Полициските акции на чистење и насилство на северот на земјата се интензивираа од моментот кога „Фронтекс“ дојде во овој регион – велат во Кликактив.
„Мигрантите не се добредојдени“, е чест графит на северот на Војводина. Се чини поминаа времињата кога во врвот на кризата во 2015 година Србија беше пофалувана како ретка држава со исклучително хуман однос кон бегалците.
Мал потрес во Србија предизвика видеоснимката што ја објави невладината организација „Легис“ од Скопје. Снимката покажува група мигранти без облека, кои на многу ниска температура беа протерани преку границата кон Северна Македонија.
Дали српските власти и „Фронтекс“ станаа стратегиски партнери во кршењето на човековите права? Инцидентот се случи по договорот ЕУ – Србија за гранична соработка, чија цел беше обезбедување на границите на Србија од операции на шверцување луѓе. Некој во Белград заклучоците лошо ги протолкувал и наложил употреба на сила, што комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ ја наведе на „повик за акција“.
– Неодамнешните извештаи за наводно протерување од страна на припадници на српската полиција на границата кон Северна Македонија, карактеризирани со деградирачки третман и ограбување на мигрантите, можно и на оние што се обидуваат да добијат азил, бара итна и ефикасна истрага на државните институции.
Српските власти ги негираа обвинувањата наспроти растечката евиденција дека протерувањата кон Северна Македонија годинава стануваат регуларна практика. Нема докази дека „спорните настани“ се случиле на територијата на Србија, соопшти Министерството за внатрешни работи. „Србија работи на тоа да ја потисне илегалната миграција со целосно почитување на човековите права препознаени од меѓународната заедница“.
Слично пишува и на сајтот на европската агенција: „Во срцето на Фронтекс е непоколебливата посветеност на основните права, темелот на европските вредности“, но ОЛАФ излезе со документи што навестуваат дека „Фронтекс“ избегнува да биде сведок на насилни протерувања мигранти.
Впрочем, и финансиските извештаи укажуваат на приоритетите: „Фронтекс“ годишно троши повеќе од 80 милиони евра за депортации, а помалку од 3 милиони на операции поврзани за заштита на основните човекови права.
Специјалните сили за одбрана на границите на ЕУ од непосакувани мигранти се фалат со 24 успешни операции во текот на минатата година, ама кога канцеларијата на „Фронтекс“ за основни права не го спроведува својот мандат и кога односот кон мигрантите се претвора во брутална реалност, тогаш на националните власти им се овозможува неказнето да протеруваат полуголи и измрзнати бегалци кон Северна Македонија.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот