Ќор-сокак за мирот?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

На САД им стана јасно дека нема да ја клекнат Русија на колена само во Украина ако не ги затворат изворите на кислород за воената машинерија, кои доаѓаат од Југоисточна Азија.

Неделата која одмина донесе нови порази за мирот. На една страна е желбата да се спречи крвопролевањето во двата тековни конфликти, а на друга да се истера правдата и егзистенцијалните побарувања на завојуваните страни. Русија со свој став во таа војна иако дебело го прекрши меѓународното право, Украина во одбрана за своето право и самоопределување. Израел во потрага по одржлива стабилност и мир преку војна до чистење на цел еден народ. Палестина преку Хамас, пак, со терор до егзистенција и право на живот. Парадокси никогаш помалку, нема што.
Овие два конфликти се случуваат во време кога светот е во длабока транзиција. Време во кое нема доминантна политичка идеологија и во кое умира еден, а се раѓа некој нов свет. Каков ќе биде „куј знае“. Во меѓувреме дипломатијата има сѐ помалку простор да помести нешто. Русија со свое шоу на воен плен, после она кое Западот го приреди пред некое време со експонати на воена опрема. Пропагандата во оваа насока подвлекува дека со дронови од 500 долари се уништуваат тенкови кои чинат 10 милиони долари по испораката. Столтенберг побара да се прекине со оваа пракса и понижување.
Во Тбилси, Грузија, протести од огромен размер против проруската власт.

САД се соочуваат со пораст на немири и масовни апсења на студенти во неколку кампуси низ земјата кои стануваат сѐ поагресивни, помасовни во протестите против Израел. Резолуцијата во најава за геноцидот во Босна и Херцеговина, има потенцијал да предизвика бранувања во босанскиот лонец и да го направи балкански. Полска потпиша нов договор од 1,6 милијарди со Јужна Кореја за набавка на 72 К239 Чунмоо, повеќецевни фрлачи на гранати. Северна Кореја, на парада која најавува подготовка за општонародна војна со цивилни трактори кои влечат повеќецевни фрлачи на гранати. Командантот на силите на САД во Индо-пацификот адмиралот Акилино со ново предупредување за стихијната политика и акции на Кина со која добива сериозна предност на теренот. САД, со условен ултиматум, сличен на оние од предвечеријата на големите војни, до Кина пред посетата на Блинкен на Кина. За злите јазици оваа посета на Блинкен на Кина е пропаст. Факт е дека немаше помпезност во испраќањето. Факт е и дека на неговиот профил државниот секретар на САД Блинкен објави видео во кое сакаше да промовира промоција на западната култура преку Тејлор Свифт фан во Кина. Ама, факт е и дека Кси го прими Блинкен, што значи дека сепак неговата посета ги надминала стандардите, бидејќи го прими претседател на држава. На тие што разбираат дипломатски протоколи ќе им стане јасно за важноста на посетата.
Она што сепак загрижува се пораките кои ги чувме. Тие се добронамерни ама се разидуваат. Како да одат во други димензии или како да не сакаат да се чујат. И двете се во дух на слобода ама од различна перспектива. Токму тука е и проблемот за мирот. На САД им стана јасно дека нема да ја клекнат Русија на колена само во Украина ако не ги затворат изворите на кислород за воената машинерија, кои доаѓаат од Југоисточна Азија. Како во старите добри времиња, Блинкен се осврна на либералниот пристап во преговорите. На т.н. прашања кои се од заеднички интерес за спречување на трговијата со наркотици, дискусија за регулирањето на вештачката интелигенција. За Блинкен постои прогрес од оваа средба но тој подвлече дека целата приказна со Кина е процес, а не краткотрајни решенија со импакт. Сепак, иако го потроши половина од интервјуто за прашања кои се под прагот за националната безбедност или се жешки во геостратешката компетиција, две прашања го подгреаја интервјуто на уникатен начин.

Прашањето за Тајван и улогата на САД за Блинкен е одвраќање. Целата помош која се дава на Тајван е за да може да се одврати Кина од евентуална инвазија на островот. Во однос на прашањето за тоа како Кина го гледа целиот овој ангажман на САД, според Блинкен не е толку важно како Кина го гледа, туку што ќе направи за него. Оттука во најдобар интерес за САД и за многу земји според Блинкен е да се задржи статус-кво на целиот проблем и да се задржи мирот.
На прашањето, зошто смета дека Кина би ги послушала САД за прекин на снабдување на Русија со ресурси кои ја одржуваат во војната на исцрпување, Блинкен подвлече дека нема доказ оти Кина ја снабдува Русија со готов производ, значи оружје. Но, она што е проблематично е што Кина ја снабдува Русија со критични компоненти или материјали кои се неопходни како суровина за Русија во нејзината агресивна војна. Овие ресурси се основните компоненти без кои Русија нема да може да произведува оклопни возила со пософистицирана опрема – на пример опто-електронски средства со кои се зголемува борбениот капацитет на борбените системи и оружја или пак да произведува водени проектили и ракети. За него, Кина е посакуван актер за партнерство, но за Западот е неприфатливо да има партнер кој е најголем потхранувач на потенцијалниот агресор на Европа. Иако дел од Европејците имаат друга логика, на пример Шолц, кој ја посети Кина па потоа после неколку „воспитни“ мораше да изјави нешто што е дијаметрално спротивно од посетата, ама ќе речеме добро.
Ситуацијата стана пожешка како прашањата се движеа кон Блискиот Исток.

Новинарката на Би-би-си инсистираше на тоа дека можеби е време САД да прифатат дека немаат решение за сите проблеми на светски план и дека можеби треба да се чујат и другите страни како понудата на Кина на пример за мир во тој дел од светот. И тука во надмудрувањето за тоа како политиката има пристап на трпение и прогрес кој е бавен, што за волја на вистината има логика, следуваше едно незгодно прашање. По тоа најверојатно колку и да форсираат либерална агенда и до скоро имаа монопол на содржината која се споделува во светските вести, демократските медиуми се разликуваат. Нешто што нема да го видите во Русија, Кина или Иран. Новинарката на суптилен начин постави прашање за политиката која може да генерира парадокси за мирот.
Тука драги мои е и причината за целата оваа дебела увертира за целата дискусија околу разидувањата и ќорсокакот за мирот. Имено, новинарката праша како САД бараат од Кина да прекине да доставува, внимавајте, не оружје за Русија, туку делови од кои Русија прави оружје, а го снабдуваат Израел со оружје кое се користи за масовно убивање на цивили. Одговорот со различните димензии во кои се движат идеите за мир нема да го бараме во дипломатијата.
Но, ќор-сокакот за мирот не е само тука. На оперативен план во неделата командантот на украинските вооружени сили Сирскиј на својот Телеграф канал објави дека состојбата на исток од земјата е влошена, давајќи конкретни детали за прогресот на руските сили кој според него е минорен.
Во минатиот број споменавме дека новата американска помош за Украина можеби нема да ја промени војната, но сигурно ќе ја продолжи. Има повеќе причини за тоа. Иако станува збор за судир на два титани од Советскиот Сојуз, и за судир во кој по цифра и испорачано оружје украинските вооружени сили се меѓу самиот врв на воена моќ во Европа, Украина во споредба со Русија има недостаток во секој аспект на војната. Факт е дека катадневно се случуваат стотици битки, при што умираат и Руси и Украинци. Сепак, треба да бидеме реални и да признаеме дека е тешко да се очекува Украина да победи во војната против Русија со сегашните европски политички напори.

Да не се лажеме, иако има недостатоци, Украина се бори за секој сантиметар земја. Дава големи жртви, но успешно, барем засега ја одложува целта на руската машинерија за исцрпување. Магнитудата на силата со која се соочува Украина е проблем. Некаде на почетокот на оваа година укажавме дека без нови испораки, Украинците ќе ја изгубат војната до јули/август. Со помошта на САД според некои анегдотски извори Украинците можат да се борат уште најмалку една или две години. Џулијан Репке, еден од најдобрите новинари кои известуваат за оваа војна, напиша дека Зеленски има два избора: или да се обиде да ја добие војната или да биде реизбран за да може да го реши проблемот со кој се соочува. Во неговиот пост тој имплицира за еден од клучните сегменти кои недостигаат во Украина тоа е жива сила.
Она што исто така е чудно и е можеби лош индикатор, ако не сме во некоја заблуда, е нивото на морал кај украинските расположливи капацитети во човечки фактор. Отсуството од желба да се биде мобилизиран е евидентно. Имено, според Гардијан, 90 отсто од украинските мигранти биле жени, деца и постари лица. Истиот весник наведува дека ресурсите за мобилизација на Украина во средината на 2022 година биле 6,8 милиони луѓе. Еве да земеме и дека половина од оваа бројка е базен на сили условно за мобилизација. Тоа значи некаде 10% од населението во Украина. Во Втората светска војна, само како за илустрација, неколку земји успеале да мобилизираат 10% или повеќе од своето население. Многу од директните учесници на пример, имале и поголем број на проценти. Германија на пример имала бројка од – 25,7%. Следуваат СССР – 17,5%, Австралија – 14,4%, Финска – 14,3%, Унгарија – 13,1%, Јапонија – 12,7%, Велика Британија и САД – по 12,3%, Нов Зеланд – 11,9% и т.н. (Југославија, ако ве интересира спаѓа во чудна категорија, но кога ќе се соберат сите сили доаѓаме до цифра од околу 12,5% или 1,1 милион). Во пракса, Украина според јавно достапните статистики досега мобилизирала околу 1,5 милиони воен персонал. Проблем со овој персонал, а истото го укажуваме и за голем дел од земјите во регионот и Европа е и фактот што само нешто повеќе од 400.000 од овие лица значи, не е ни половина, имале воено искуство. Сепак, политизацијата на проблемот со мобилизацијата е притисок за раководството, за кое знае дека е потребно, но тешко може да го спроведе во пракса.
Во секој случај би рекле дека во време кога дипломатијата влегува во ќорсокак руската предност на теренот ќе се задржи и покрај американскиот пакет. Трошењето ќе се интензивира и ќе донесе нови нијанси на боиштето од кој најголем директен бенефит vis-à-vis потенцијалниот конфликт со Запад ќе го има Русија. Опасноста од овој ќорсокак е тоа што најверојатно додека Русија напредува на теренот, западните сили ќе распоредат сили во главните украински градови. Само тоа во оваа војна во која реакцијата на Западот доцни е спас кој може да донесе морална победа за западниот сојуз. Таа победа е крајно опасна. Но, за жал се чини е неизбежна, за да се избегне целосно фијаско. На крајот на денот преголем е влогот и задира во егзистенцијалните темели кои треба да се чуваат за посериозни конфликти кои допрва може да се јават на повидок.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот