Бојкот во ОУ „11 октомври“ во Скопје – учениците од прво до четврто одделение не се на настава
Сите ученици од прво до четврто одделение во ОУ „11 октомври“ во Центар, денеска не дошле на настава, бидејќи бојкотираат, затоа што имало намера во нивното училиште да биде запишан ученик кој претходно бил отпишан од друго училиште поради историја на насилно и проблематично поведение. Директорката на училиштето Даница Блажеска за „Слободен печат“ не сакаше да даде информации за оваа ситуација, бидејќи рече дека прво треба институционално да им одговори на повеќе засегнати страни и затоа што како што рече – не била утврдена уште ниту фактичката состојба.
Препорачано
„Директорката веднаш е повикана кај мене на разговор“, изјави за „Слободен печат“ Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.
Но, родителите на деца од прво до четврто одделение за „Слободен печат“ велат дека солидарно, со одлука на Советот на родители, било решено од денеска помалите деца да не одат на училиште и дека моментално таа одлука се спроведува. Доколку не се испочитуваат барањата на родителите, тогаш од утре на бојкотот ќе се приклучат и учениците од петто до осмо одделение, велат родители на деца во ова училиште за „Слободен печат“.
Целта е да се испрати порака дека се плашат дека насилството ќе се повтори и во ова училиште. Наши извори од Министерството за образование велат дека за ученикот кој треба да се префрли во ОУ„11 Октомври“ имало таква препорака од Центарот за социјални работи, дека детето треба да смени средина.
Но, проблемот настанал кога родителите дознале дека детето претходно било отпишано од друго скопско училиште, затоа што соблекло девојче во тоалетот. За тој случај „Слободен печат“ веќе пишуваше. Како што тогаш објавивме, (пред 10 месеци), за време на наставата девојче од второ одделение било следено од момчето внатре во тоалетот, каде што момчето ѝ ги соблекло панталоните и долната облека додека таа ги миела рацете. Сето тоа се случувало пред очите на наставничката која ја потврдила случката пред директорката, затоа што истрчала да го следи ученикот, знаејќи дека е проблематичен.
Се работи за исклучително интелигентно момче со натпросечни интелектуални способности, но кое кажувало дека е несреќно затоа што учениците од поранешното училиште го одбегнувале и го оставале сам да ги минува деновите. За него немало покани за роденденските прослави со другарчињата и бил избегнуван. Од претходното училиште тогаш за „Слободен печат“ тврдеа дека шест ученици од неговиот поранешен клас се отпишале и се префрлиле во други училишта или паралелки, зашто се жалеле дека момчето кон нив се однесува насилно.
Според зборовите на вработените во училиштето и родителите на други ученици со кои разговараше „Слободен печат“, поведението на момчето во претходното училиште вклучувало повеќе инциденти. Тој ја удрил дури и директорката на претходното училиште, ја влечел наставничката за коса, децата ги удирал и навредувал, а сè почнало уште во градинка уште пред да се запише во училиште.
Наставниот кадар се жалеше на стрес и се одлучи за последната опција – префрлување во друго училиште заради заштита на жртвите на насилството кое се повторувало.
Но, ова сега ја разгори ситуацијата во новото училиште. Ученикот едно време посетувал онлајн настава, ама сега е неизвесно дали ќе учи со физичко присуство во ОУ „11 Октомври“, бидејќи родителите протестираат против тоа, а Центарот за социјални работи препорачува промена на средината.