Бочварски: Обиколницата Штип утре ја пуштаме во употреба за сообраќај

Министерот за тарнспорт и врски Благој Бочварски / Фото: МИА

Обиколницата од Штип до мостот на реката Брегалница, која е дел од новиот експресен пат Штип – Радовиш, за сообраќај ќе биде пуштена утре. Тоа значи дека тешките товарни возила и автомобилите, кои одат во правец кон Радовиш и Струмица или во обратна насока кон Скопје нема да влегуваат во градот Штип и да поминуваат низ булеварот „Гоце Делчев” и населбата Ново Село. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во завршните градежни работи на обиколницата.

Обиколницата е во должина од шест километри, коловозот е проширен на 11,5 метри, со две коловозни ленти од 3,5 метри ширина и две ленти за застанување.

-Граѓаните на Штип, граѓаните на југоистокот, од утре ќе можат да возат по нова, модерна и безбедна обиколница, без притоа да мораат да влегуваат во градот. Практично со ова сообраќајот во Штип се враќа во нормала. После 40 години направивме реконструкција на овој патен правец за наредните години и децении, а ќе биде пред се за поголема безбедност и побрз транспорт, рече Бочварски.

Во однос на втората фаза на експресниот пат, од клучката кај Три Чешми, тој истакна дека се работи интензивно и очекувањата се комплетно патот да биде пуштен во употреба и пред крајниот рок кој е во април 2022 година.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, информираше дека градежните работи на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш се влезени во завршна фаза.

-Градиме квалитетно согласно најновите и највисоките европски стандарди за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Таков е случајот и со обиколницата која од утре ќе биде пуштена во употреба за граѓаните. Коловозот е изведен како две коловозни ленти од по 3,5м ширина и две ленти за застанување од по два метра. На еден дел од делницата, пак, поради овозможување влез и излез на индустриските капацитети се изврши рехабилитација на постоечкиот пат, изјави Рустеми.

На новинарско прашање министерот Бочварски истакна дека со средства од Министерството за транспорт и врски се гради браната на река Отиња, се реконструираат неколку улици во Штип, како и изградба на водоснабдителен систем во населбата Македонка.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот