Бислимоски: Сум добивал закани по Фејсбук, но не се плашам и ќе продолжам со работа и понатаму

Марко Бислимоски/ Фото: Принтскрин

Директорот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски во вечерашното гостување во Тема на денот на Сител ТВ коментирајќи го инцидентот кој се случи пред два дена, рече дека е изненаден од самиот настан и дека досега закани кон него најчесто биле упатувани преку Фејсбук, но не им обрнувал внимание.

– Закани имаше по носењето на одлуката за намалување на цената на парното, добив закана „куршум за тебе“. Пријавена е таа, по фејсбук беше тоа и од прилика тоа било тоа. Немало некои закани, а и не сум ни обрнувал внимание и понатаму уште помалку ќе им обрнувам внимание, рече Бислимоски.
Тој додава и дека не се плаши воопшто и дека ќе продолжи со работата како и до сега.

– Сакам да истакнам дека не се плашам, дека ќе продолжам да работам како и до сега и она што ми е многу важно сакам да им се заблагодарам не само на пријателите што ми се јавуваат туку на обични луѓе коишто ме сретнаа овие два дена и ми дадоа поддршка да продолжам да работам како и до сега. И тоа е единствениот пат, кажа Бислимоски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вечерва изјави дека како регулаторно тело ги презеле сите мерки за заштита на електроенергетскиот систем и дека постапката за одземање на лиценцата на „У пауер” е почната откако е добиен допис од МЕПСО за злоупотреба на балансираната енергија за комерцијални цели.

– Преземавме мерки за да го заштитиме електроенергетскиот систем. Кон таков чекор се одлучивме откако МЕПСО ни испрати допис и алармираше за „У пауер”. Во август и половина на септември биле користени овие резерви за комерцијални потреби, истакна Бислимоски.

Посочи дека доколку се злоупотребат резервите и наместо да се балансира системот, тие се користат за комерцијални цели, тогаш би бил загрозен енергетскиот сектор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот