Без примена вакцина нема да патувате, летувате или тргувате

Фото: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Откако почна вакцинацијата на населението во поголем број држави од светот, луѓето веќе почнаа да се надеваат дека повторно ќе можат да патуваат, да пазаруваат и да одат во кино или во театар. Но, за тоа непречено да се случува, ним ќе им биде потребен дополнителна патна исправа или таканаречен „ковид пасош“.

Имунизацијата од ковид-19 не е обврзувачка за никого, но наскоро ќе стане невозможно да се влезе во авион, во хотел, во базен, музеј или во трговски центар, без да се приложи доказ дека посоченото лице ја примило вакцината. Точно е дека мерките за заштита ќе останат во употреба уште неколку месеци, но со првото попуштање од здравствените власти, во позиција да се движат слободно и полека да се откажуваат од „новото нормално“, ќе бидат само вакцинираните.

Но, како ќе изгледаат посочените пасоши, кои ќе бидат унифицирани за целиот свет, за разлика од традиционалните пасоши што ги издава секоја држава посебно.

– Можете да бидете тестирани секогаш кога преминувате граница, но не можете да примите вакцина повеќепати од потребното – вели Томас Крамптон, маркетинг-директор во компанијата „Комон проџектс“, која стои зад проектот „Комон пас“, апликација што има големи шанси во иднина да стане „ковид-пасош“.

Апликација наместо пасош

Според „Вашингтон пост“, веќе на големо се работи на концепт што од самите почетоци на пандемијата се спомнуваше како решение за нормализација на индустријата на патувања.

Според весникот, ковид-пасошот, првенствено е наменет за меѓународни патувања. Инаку, станува збор за апликација, која барем засега дава ветувачки резултати.

Една од апликациите веќе е во пробна употреба, а друга е во финална фаза од развојот. Корисниците тие апликации би ги користеле за верификување на резултатите од тестирањето и еден ден, како доказ за вакцинација.

Апликацијата која се испробува се вика „Комон пас“ и од овој месец се тестира на некои летови меѓу Њујорк, Лондон, Сингапур и Хонг Конг. Програмата дејствува по пат на здравствената апликација на Епл, за ИОС или пак „Комон хелт“ на андроид, поврзан со 230 американски здравствени системи и функционира со скенирање код што ги содржи податоците за корисникот – како резултати од тестирање или потврда за вакцинација, како и плановите за патување.

Апликацијата, според моменталните реакции, му се допаѓа на здружението на авиокомпании „Стар алајанс“, од каде што повикаа на воспоставување глобален систем на верификација на тестирањата и вакцинациите. Многубројни авиокомпании размислуваат за вакцинирање како услов за патување во иднина.

Глобален напор

Британските власти ја разгледуваат можноста за воведување „ковид-пасоши“ за оние што биле вакцинирани против новиот вид коронавирус, објави весникот „Сандеј тајмс“, повикувајќи се на свои извори.

Според весникот, таквата мерка ќе им овозможи на носителите на новиот документ послободно да се движат низ земјата, вклучително и на службени патувања, отколку оние што одбиваат вакцинација. Британија е првата земја во светот што почна со масовната вакцинација на населението и, следствено на тоа, првата што размислува за воведување „ковид-пасоши“.

Но, иницијативата која во моментов се обидува да ја наметне потребата од единствена и универзална потврда за примената вакцина, смета дека е погрешен пристапот секоја држава да мисли сама за себе, бидејќи успехот може да биде целосен само доколку се обезбеди глобална покриеност на податоците.

– Ќе можеме да кажеме дека сме биле успешни, само ако сертификатот за вакцинирањето на мојот телефон биде издаден од една земја, а тоа ми биде верификувано во втора земја, пред летнувањето за трета – вели Брајан Белендорф, извршен директор на Линукс фондацијата.

Токму од Линукс почнаа со подготовки на глобално унифицирани постапки, за обезбедување единствена база на податоци, во која ќе бидат впишани имињата на сите луѓе од светот кои станале дел од процесот на имунизација.

– Во моментов сме далеку од решението на проблемот, но мислам дека сите луѓе од нашиот бизнис, навистина посветено и искрено работат на солуцијата – додава Белендорф.

Покрај апликацијата за паметните телефони, се подготвува и електронска картичка, која ќе наликува на документите за идентификација, и за која би требало да постои глобален систем на исчитување на податоците.

Пандемијата се уште е во полн ек и според предвидувањата, најтешкото е пред нас. Ќе помине време додека животот да се врати во нормала, а секако дека оптимизмот полека почна да се враќа, откако на големо се разговара за воведување на патни исправи за вакцинираните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот