Бектеши: Покажавме посветеност во соработката на регионалните економии

Министерот за економија Крешник Бектеши учествуваше на првиот министерски панел на Конференцијата на ОЕЦД, што се одржува во рамки на Самитот во полскиот град Познањ.

На панелот беа презентирани наодите од Студијата на ОЕЦД кои треба да претставуваат патоказ за понатамошен раст и развој на регионот, преку зајакнување на трговијата и инвестициите меѓу економиите на Западен Балкан.

– Оваа година е особено важна за нашите заложби во однос на Стратегијата за проширување на Западен Балкан 6 и во делот на спроведување на активностите поврзани со регионалната економска област и повеќегодишниот акционен план. Како дел од Западен Балкан 6, Република Северна Македонија е силно посветена на спроведувањето на приоритетната агенда, обезбедувајќи колку што е можно повеќе резултати за овој Самит во врска со МАП РЕА трговската компонента, во која се гледа силната врска со нашата европска перспектива, дефинирана преку обврските од нашиот процес на пристапување кон Европската унија. Со успешните испораки на целите на МАП РЕА, Република Северна Македонија уште еднаш ја покажа силната посветеност на поголема соработка меѓу регионалните економии како суштински придонес кон долгорочната стабилност и процесот на интеграција во ЕУ, истакнал Бектеши во своето обраќање.

Министерството за економија информира дека министерот Бектеши се осврнал и на придобивките од Планот за економски раст, при што посочил дека како резултат на мерките од овој план државата има рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624 милиони евра и околу 20 нови странски компании кои реализираат инвестициски проекти во земјата.

– Или, според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, странските директни инвестиции пораснале за 260 проценти од просекот во последните години. Истовремено значително се подобрени и економските индикатори, невработеноста е намалена за 4.8 проценти, индустриското производство е пораснато за осум проценти, го зголемивме нашиот извоз за 15 проценти годишно. Економскиот раст во првиот квартал изнесува 4.1 проценти. ЕУ е нашиот клучен партнер за трговија и инвестиции, па зајакнувањето на врските и отварањето на нови можности за соработка претставува вин-вин сценарио, подвлекол Бектеши.

Генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гурија упатил порака до земјите на Западен Балкан дека ОЕЦД ќе остане да работи со државите од Западен Балкан се до нивна целосна интеграција во ЕУ.

– Регионалниот раст е имресивен и изнесува 3,5 проценти, направивте бум во извозот. Ако се гледа на Западен Балкан како на целина, треба да се работи на продуктивноста во наредниот период, како и на борбата против корупцијата и зајакнување на вештините: И, имајте секогаш на ум дека интеграцијата мултиплицира, односно само во тој случај еден плус еден се пет, истакнал Гурија.

Генералниот директор на соседски политики и преговори за проширување Кристијан Даниелсон упатил поддршка за напредокот во трговијата и започнувањето на засилените активности во делот на инфраструктурното поврзување.

Министрите за економија својата дискусија ја продолжиле и на работниот ручек на кој разговарале за агендата за поврзување и политиките за мали и средни претпријатија и за активностите кои се во насока на подобра регионална соработка.

Министерот Бектеши се осврнал на инфраструктурните проекти во вредност од над една милијарда евра, кои ги изведуваат домашни и странски компании.

– Веќе имаме комплетно завршен автопат во насоката север – југ, познат како Коридор 10, а моментно се работи на финализирање на поврзувањето во насока исток – запад односно врската со Бугарија и Албанија. Во фаза на изградба е и железницата до Бугарија, како и неколку експресни патишта. Со Албанија го имаме и делот на автопатот од Кичево до Охрид, со што овозможивме квалитетна патна врска од Скопје до Охрид, кој е на само 10 километри од границата со Албанија. Во делот на мерките за интензивирање на регионалната соработка би го споменал отворањето на One Stop Shop како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите од регионот, рекол Бектеши.

Попладнево, се очекува да се одржи бизнис форумот на кој Бектеши ќе зборува за енергетскиот развој и прогресот во овој сектор во изминатиот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот