Бектеши: Наредната година минималната плата ќе биде околу 23 илјади денари

Крешник Бектеши, министер за економија / Утрински брифинг

Минималната плата во 2024 ќе се доближи до просечната плата во 2016 година, вели Министерот за економија Крешник Бектеши посочувајќи дека платите во текот на годината ќе се зголемат повеќе од инфлацијата имајќи предвид дека годината ќе заврши со инфлација од 7,1 отсто.

„Минималната плата годинава, поточно на почетокот на следната година, ќе се покачи на просекот што го имавме во 2016 година, а ова уште еднаш покажува дека ова Владата е посветена на пораст на платите и во јавниот и во приватниот сектор. Само за информација за граѓаните, во 2016 година просечната плата беше некаде околу 23 илјади денари, а денес е над 34 илјади денари, а како што претходно истакнавме, успеавме да се доближиме до просечната плата од 2016 година, изјави Бектеши во емисијата „10 минути“ на ТВ21.

Бектеши, исто така, посочи дека глобалниот раст на цените ја зголемува и потрошувачката кошничка.

„Што се однесува до куповната моќ, за разлика од претходната година, освен во вториот дел од годината, успеавме да постигнеме успех во однос на покривање на трошоците од две минимални плати во домаќинство, кои беа некаде околу 18 илјади денари, и трошоците, т.е. потрошувачката кошничка не беше повеќе од 35 илјади денари, за жал, имаше речиси глобален пораст и во втората половина од годината потрошувачката кошничка се зголеми на приближно 50 илјади денари“, рече Бектеши.

Една долгогодишна неправда којашто беше направена кон работниците полека почнуваме да ја исправаме, работникот да добие достоинствена плата за работата што ја извршува, порача во вечерашното гостување во дневникот на телевизија „Сител“ вицепремиерот и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи.

„Една долгогодишна неправда којашто беше направена кон работниците полека почнуваме да ја исправаме. Денеска за прв пат од поновата историја на државата се случува да на Економско социјалниот совет да не се преговара, туку само се утврди минималната плата. Минатата година социјалните партнери, владата, синдикатот, работодавците, се договоривме за критериумите. Минатата година воспоставивме систем, воспоставивме критериуми и еве го исходот денеска. Од мартовската плата нема да има работник со плата под 21.175 денари“, рече Битиќи.

Тој додаде дека работодавците ќе ја почитуваат оваа одлука којашто и самите ја имаат поддржано.

„Секако дека ќе се почитува. Организацијата на работодавци којашто е претставник на работодавците во Економско социјалниот совет рекоа дека се задоволни од тоа што се случува. На крај на денот дури они се подготвени со зголемување на продуктивноста на работникот да исплаќаат уште повисоки плати. Мислам дека доаѓа во прав момент затоа што навистина целата дискусија којашто се одвива во приватниот сектор, особено заради недостигот на работна сила и зголемувањето на минималната плата, но и на просечните плати, полека доаѓаме до дискусијата дека секогаш е битно продуктивноста и ефикасност на работното место, а не дали има средства за да се платат плати“, нагласи вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции.

Во врска со барањето на Синдикатот на Клинички да се потпише договорот за поголеми плати до петок или ќе се активираат протестите, Битиќи рече дека тоа тешко дека ќе се случи.

„Ние инсистираме на општ колективен договор, кој ќе ги опфати сите во јавниот сектор, а понатаму да се дефинираат гранковите колективни договори. Избрзувањето да добиеме, што може да добиеме, не е решение. Ние покажавме дека подобро е да се дискутира, да има дијалог, оти решенијата кои ги наоѓаме се поодржливи. Тоа што го направивме со минималната плата е доволен доказ дека ако се преговара за да се најде одржливо решение, тоа ќе се најде“, рече Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот