Атиџе, љубов наша!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како во секоја нормална, демократска, хистерично поделена земја, дебатата наликува на шарените шалвари и неодоливата насмевка со она неповторливо забало на Атиџе, таа специјалистичка студија на ортодонтски случај од конгресни стоматолошки димензии!

Документарниот филм „Медена земја“ предизвика нешто што ниту еден филм во историјата на македонската кинематографија не го постигнал: нацијата поведе таква искрена, богата, на моменти жестока, па и приземна и простачка расправа за сопствената слика во општественото огледалото, што е, до сега, незабележан преседан во клиничката слика со сложени психо-патолошки наоди во овдешното трчимочај секојдневие што, во недостаток на подобра алтернатива, се нарекува живот. Таквиот општествен ефект е неостварен сон на секој ангажиран документарец кога било снимен во оваа, а и во која било друга земја!

Објективно, веста дека филмот е кандидиран не за еден, туку за два Оскари истовремено, ја шокираше нацијата! Дури, требаше да помине ден-два за општата јавност да се освести, да се отрезни, да ѝ помине вообичаениот, мрзоволен, игнорантски мамурлак и дискусијата да излезе од кругот на неколку стотици филмофили (и други припадници на ЛГБТ заедницата) кои до тогаш го беа одгледале ова врвно уметничко документарно остварување и да се пресели во сите пори на исполитизираното општество, од старо-новогодишните астали на кои, со чварки, пача и ракија, истовремено трешти Аца Лукас и „Едно име имаме“, до форумите на социјалните мрежи каде се расправа за сè и сешто, од рецепти за чај од олеандер со кој можете да го отруете сопругот, а отровот да не биде обдукциски откриен; до тоа дали на возраст од 50 години е полесно да ослабиш или да се извишиш… Но, само под услов претходно да се изјасниш дали си северџан или фајромец! Ш’о те…

Одеднаш, сите имаат вредносно стојалиште и критичко мислење за „Медена земја“, особено оние кои признаваат дека не го гледале, за филмот да не им влијае врз ставот за него!

Во полемиките за дострелите и значењата на филмов и за тоа дали нацијата ќе го преживее неговиот успех почнаа бракови да се растураат, кумства да се раскинуваат, очи да се вадат и брат-брата за врат да фаќа, генерално, се создаде една прекрасна шовинистичка атмосфера како во најдобрите години во крвавиот распад на бивша Југославија… Ах, младост-лудост!

Бидејќи, гледајте, реално, кого го заболе во општата македонска јавност што „Медена земја“ добил некакви 40-50 први награди на опскурни меѓународни фестивали со светска слава за документаристички и други филмски остварувања… Но, можноста да се освои Оскар!!! Ееее, аааа, уууу, чекај, стој, полека, па тоа е сосема нова димензија, во тоа се разбираат и експертите за задникот на Ким Кардашијан и стручњаците за формацијата на одбраната на „Ливерпул“!

Така се случи, преку ноќ, и шуто и рогато да стане филмски критичар и, по сеќавање или по инстинкт, се извадија на мегдан најстарите соц-реалистички теории за улогата на уметноста во одбраната на класните интереси на работниот народ, се потегнаа гебелсовските револвери на самото спомнување на зборот култура и, воопшто, се изанализира „Скопје 2014“ по стоти пат како контрапункт на Битпазар, бидејќи современиот македонски граѓанин сака да биде претставен како модерна барокна нација, а не како заостанато туркменско племе зад седум брда и долини во центарот на библиската земја.

Така што, како во секоја нормална, демократска, хистерично поделена земја, дебатата наликува на шарените шалвари и неодоливата насмевка со она неповторливо забало на Атиџе, таа специјалистичка студија на ортодонтски случај од конгресни стоматолошки димензии!

Ако таа насмевка освои не еден, туку два Оскари – ќе нè биде, наспроти нашите најдобри напори!

Па, ја преживеавме посетата на Папата, нема заради неколку Оскари да се распаднеме!?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот