Ароматичен рецепт на Стефанија Несторовска: Пилешко суфлаки во сос од магдонос

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

Кога буквално би превеле од грчки, суфлаки би значело парчиња месо печено на стапче, односно нам добро познатиот „ражнич“. Она што се разликува од „нашите“ раженчиња е маринадата и начинот на сервирање.

Суфлаки е многу повеќе од месо на стапче. Еден од најбараните специјалитети на грчката кујна кој се прави од свинско, но може да се користи и пилешко, телешко или јагнешко месо исечено на коцки, а може да биде збогатено со зеленчук, сланина, печурки, помфрит, разни сосови…

За добар суфлаки е потребно добро месо, но и добра маринада. Тука се маслиновото масло, лимонот, зачините, од кои голема улога игра ориганото.

Суфлакито е далеку познато по својот уникатен вкус, иако, може да трпи разни варијации.

Инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш знае да нѐ изненади, а тоа го направи и овој пат. Стефанија денеска ни приготви рецепт за суфлаки со интересен сос од магдонос.

Вкусувањето на вака приготвеното суфлаки ќе ви ја подгрее фантазијата – ќе ги „почувствувате“ морето, сонцето, сите убавини што ги носи летото…

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

Состојки:

– 500 гр пилешки гради (2 парчиња)
– (1/4 шолја) маслиново масло
– сок од половина лимон (мојот лимон беше огромен, па затоа ставив половина, ако е помал може и сокот од целиот лимон)
– неколку гранчиња магдонос (јас сакам многу, па додадов цела китка)
– 1 чешне лук
– 1 лажичка сол
– малку бибер
– неколку стапчиња за суфлаки

Зеленчук суфлаки (по желба, како гарнир)

– 3 големи, зелени пиперки
– 1 главица кромид
– 10-тина шери домати

Подготовка:

Доколку имате метални стапчиња за суфлаки – ова може да го скокнете. Ако користите дрвени стапчиња, половина час пред редење на месото оставете ги потопени во вода да отстојат. Со ова се спречува да пукаат и да горат при пржење.

Пилешките гради се сецкаат на мали парчиња. Се додаваат во длабок сад и се оставаат настрана додека се подготвува сосот.

Магдоносот се мие, се чисти и се отстрануваат дршките. Се сецка многу, многу ситно со нож или, пак, во сецко за полесно. Лукот исто така се сецка на ситно, се толчи или се пасира со преса за лук.
Во мал длабок сад се додава маслиновото масло, исецканиот магдонос, зачините, лукот и сокот од лимон. Се промешува за да се соедини.

Смесата се додава во садот со пилешките парчиња и се мешаат, за сите парчиња од местото да бидат прелиени во сосот. Се остава да се маринира 30-тина минути или, пак, уште подобро преку ноќ. Колку повеќе време се маринира – толку повеќе месото ќе впие од сосовите.

За зеленчукот, може да се користи потполно истиот сос што го правевме за пилешкото или само зачини како сол, бибер и оригано. Ако го користите сосот, тогаш повторете ја постапката за правење и направете го сосема истотото. Шери доматите само се мијат со ладна вода, се бришат и се подготвени за пржење.

Пилешкото се реди на стапчињата и истото се повторува и со зеленчукот. Шери доматите може да ги додадете на стапчињата, а може и така да ги потпржите цели.

Се загрева тава со малку масло (јас користев грил тава) на средна температура. Се пржат по 4-5 минути од страна, односно додека не се комплетно испржени.

Истата постапка се повторува со зеленчукот за суфлакито.

Сервирајте со салата за екстра витамини и уживајте во вкусен, здрав и лесен оброк.

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот