Владата ги повика директорите: Аплицирајте за да не добивате непотребно високи сметки за струја

Фото Архива

На 20-ти јануари заврши повикот на ЕСМ за пријавување на компании од прехранбена индустрија, основни и средни училишта и јавно комунални претпријатија за снабдување со струја по фиксна субвенционирана цена

Уште 80-тина основни и средни училишта не се пријавиле за снабдување со струја по фиксна субвенционирана цена, од вкупно 475 основни и средни училишта во државата, информира Виктор Андонов, соработник за енергетика во Владата. Тој уште еднаш апелираше до нивните директори да ја се пријават и да ги искористат владините можности.

-На 20-ти јануари заврши повикот на ЕСМ за пријавување на компании од прехранбена индустрија, основни и средни училишта и јавно комунални претпријатија за снабдување со струја по фиксна субвенционирана цена од 1 февруари. Според обработените податоци, вкупно ново пријавени се 41 субјект, од кои 21 компании од прехранбената индустрија, 17 основни и средни училишта и 3 јавно комунални претпријатија – рече Андонов. Ако се пријават, училиштата ќе плаќаат електрична енергија по цена од 95 евра, во спротивно нивните сметки ќе бидат и четирипати поскапи.

Претходно градоначалниците на Штип, Битола и Струмица се пофалија дека сите училишта на териториите на нивните општини аплицирале за субвенционирана електрична енергија.

-Доколку не аплицираат за поевтина струја, на овој начин се губат непотребно пари, се плаќа поскапа енергија при можност да се плати помалку – рече неодамна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Благодарение на зголеменото производство, ЕСМ успеа целосно да ги задоволи потребите на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните обврски за прехранбената индустрија, училиштата, водоснабдителните системи и други витални државни субјекти, дополнително беа продадени и вишоци на електрична енергија, додаде Андонов. Во месец јануари вкупното домашно производство на електрична енергија изнесува 561.350 Mвч електрична енергија. Во споредба со истиот месец претходната година кога производството на електрична енергија изнесуваше 434.189 Mвч.

-Зголемувањето во месец јануари изнесува 29 отсто и е во согласност со планот за 2023 година, со кој се предвидува зголемување на годишното производство на електрична енергија за 20 отсто во однос на 2022 година – рече Андонов.

Тој подвлече дека во месец јануари, во екот на зимата, домашното производство на електрична енергија беше зголемено во однос на претходната година, стабилно и во целост ги задоволи потребите на граѓаните и малите потрошувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот