Анимираниот филм го пронајде своето вистинско место на „Флипбук филм фестивал“

Второто издание на фестивалот на европски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ се одржа од 12 до 15 август во МКЦ Парк и го потврди концептот што беше зацртан минатата година.

Отсуството на анимираниот филм од киносалите и од јавните гласила во голема мера го коригира основањето на „Флипбук филм фестивал“, чие прво издание беше одржано минатата година во екот на пандемијата на коронавирусот. Веќе со второто издание, повторно во време на пандемија, фестивалот ја потврдува потребата од постоење на организирана форма на презентација на анимираниот филм во Скопје, а веќе е собрана поголема група заинтересирани учесници и формиран е круг на публика што активно ги следи сите програмски содржини.

На второто издание на „Флипбук филм фестивал“ беа прикажани повеќе од сто кратки анимирани филмови во повеќе програми: „Современ полски и хрватски анимиран филм од жени режисери“, „Панорама на европски анимиран филм“, како и официјалната селекција на филмови во Главната програма, Анидок програмата, Студентската програма и програмата на Музички анимирани спотови.

Жирито на главната програма и програмата на музички анимирани видеа, во кое учествуваа Александра Плавска од Полска, Славе Лукаров од Хрватска и Златко Гелески од Македонија, за најдобар филм на овогодишното издание на фестивалот го прогласи „Скапоцена“ од францускиот режисер Пол Мас, поради „извонредно силната приказна за општествените притисоци, приказна која функционира на многу нивоа. Непредвидливите нијанси градат динамичен и не-очигледен наратив што многу лесно се сретнува во денешниот училиштен свет. Искрениот начин на кој пораката се пренесува на гледачот го прави овој анимиран филм универзално разбирлив“. Специјалната награда жирито му ја додели на филмот „Арка“ на хрватскиот автор Натко Стипаничев.

За најдобро музичко анимирано видео, наградата му припадна на режисерот Баптист Гроазил и спотот „Љубовта на богомолката“, заради „создавањето на еден мрачен и сонлив свет и збогатувањето на музиката со одлична употреба на филмската структура, која го преведува звукот во визуелно искуство“. Првата специјална награда жирито му ја додели на спотот на Харисон Флеминг, „Планина“, а втората на македонскиот режисер Гоце Илиевски за спотот „Сеќавања“.

За најдобар анимиран документарен филм, жирито составено од Мартина Мештровиќ и Ката Гугиќ од Хрватска и Михаил Наумов од Македонија, го прогласи „Обичен човек“ на германската авторка Шоко Хара. Филмот освојува со своите сирови визуелни решенија, искомбинирани со експресивна анимација, елементи на колаж и архивски снимки, кои креираат еден фантастичен свет на токсични врски, однапред осудени на смрт. Специјалната награда во оваа категорија жирито му ја додели на филмот „Оџачари“ на француско-германскиот автор Фредерик Шулд.

За најдоброто студентско остварување „Џеробоам“ на Бјанка Кадерас жирито напиша: „Филмот нѐ поведе низ еден шармантен свет на алкохолни меури, бизарни мачковидни влечуги и груби шарени визуелни решенија. Комбинацијата од неоптоварена младешка свежина со големата доза бизарност нѐ остави обземени од чудење и изненадување“. Специјалната награда на жирито отиде кај студентскиот филм „Храмот на Анемона“ поради тактилното искуство што ја потенцира уникатноста и силата на анимацијата како медиум.

За време на физичкото издание на фестивалот, на онлајн платформата „Синесквер“, публиката можеше да ги погледне сите филмови и да гласа за најдобриот филм. Наградата од онлајн публиката му припадна на филмот „Машина за перење“ од чешката режисерка Александра Мајова.

Второто издание на „Флипбук филм фестивал“ беше поддржано од Агенцијата за филм, „ЕУ за Тебе“, Министерството за култура, Град Скопје, платформата „Синесквер“ и Еуропа Прима.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот