Анализата е готова, нема изедначување на акцизата за екстралесното со акцизата на дизелот

Фото: Архива на „Слободен печат“

Ќе се оди на изедначување на квалитетот на екстралесното со тој на дизелот.

Министерството за финансии по повеќе од еден месец, конечно ќе донесе одлука за предлогот за изедначување на акцизата екстралесното гориво со дизелот.

Иако, Стопанската комора имаше иницијатива за изедначување на акцизата на екстралесното гориво со дизелот, а тоа го поддржаа дистрибутерите на нафта и нафтени деривати во државата, министерството за финансии одлучи контра, оди на изедначување на квалитетот на екстралесното со тој на дизелот.

Досегашниот проблем со злоупотребите на „црвената нафта“ како погонско гориво ќе прерасне во уште поголем, сега ќе имаме едно гориво со различна акциза и цена, а дополнително нема да се знае кој кое гориво ќе го користи.

Парадоксот да биде уште поголем, државата призна дека ниту до сега не можеше, ниту од сега ќе може да ги открива злоупотребите.

Дополнителен проблем е и тоа што и покрај тоа што ова гориво е забрането за точење од 15 април до 15 октомври, сепак потрошувачката и во тој период не спласнува.

За ова алармираше Регулаторната комисија за енергетика која го поддржа предлогот за изедначување на акцизите, но тој не помина во финансии.

„Изедначувањето на  акцизата на екстралесното гориво со дизелот ќе биде од корист на сите, имајќи во предвид дека со злоупотребата на екстралесното гориво некаде во Буџетот на државата недостасуваат околу 30 милиони евра“ – кажа Бислимовски.

Да потсетиме, екстралесното гориво во моментов има многу пониска акциза во однос на дизелот и од тие причини на некој начин се случуваат злоупотреби, бидејќи се користи за транспортни цели.

Дизелот и екстралесното гориво освен разликата во акцизата и цената се разликуваат и во техничките карактеристики кои се однесуваат на нивната чистота и согорување.

Додека од пониската акциза на екстралесното гориво што се троши како дизел за транспорт државата губи повеќе од 11 денари по литар, при согорувањето екстра лесното загадува 100 пати повеќе од дизелот, бидејќи содржи 100 пати повеќе сулфур на еден литар гориво.

Од овдека се поставува само едно прашање. Чии интереси застапува државата?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот