АНАЛИЗА: Дали обвинението против Тачи е обид да се исфрли Вашингтон од решавањето на косовското прашање?

Откако вчера специјалниот суд во Хаг покрена обвинение за воени злосторства против претседателот на Косово Хашим Тачи, тој го откажа своето присуство на состанокот во Вашингтон кој требаше да се одржи за два дена на иницијатива на Ричард Гренел, специјален посредник на САД во преговорите меѓу Белград и Приштина.

Гренел вчера на Твитер напиша дека „се радува на разговорите кои ќе бидат водени меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти“.

Но, на негово разочарување, денеска и премиерот Хоти го откажа присуството во Белата куќа заради новоразвиената ситуација по обвинението покренато против Тачи, претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и други лица.

„Поради новите случувања во Приштина по обвинението предложено од специјалното обвинителство, морам да се вратам во мојата земја за да се справам со ситуацијата. Го известив амбасадорот Гренел дека не можам да присуствувам на состанокот на 27 јуни во Белата куќа“, објави косовскиот премиер.

Првите реакции по веста за обвинението на Тачи го отворија прашањето: Дали е случајност што тоа се случи само три дена пред закажаните разговори во Белата куќа и дали тој состанок со тоа беше „миниран“?

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Брисел упати „силна поддршка за работата на обвинителството“, па оттука може да се каже дека ЕУ не е наклонета кон иницијативата на Гренел за решавање на косовскиот проблем.

Доказ за тоа дека ЕУ сака да ја преземе лидерската позиција во посредување во преговорите меѓу Белград и Приштина се и информациите дека Хоти и Вучиќ денеска и утре ќе имаат одделни средби со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, како и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ.

Од друга страна, Србија која бараше и ќе бара правда за жртвите на косовските ОВК лидери, вклучувајќи го и Тачи, би била задоволна што Тачи ќе одговара ако обвинението е потврдено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот