Аман од амнестии

Многу поголемо зло од самото простување на градењето без дозвола е фактот што амнестијата станува редовна практика, пораз на силата на законот пред силата на политиката.

Собранието озакони криминал со изгласувањето на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Легализацијата на дивоградбите што ВМРО-ДПМНЕ ја почна во 2011 година, со рок на траење од 10 години, сега станува традиција, надградена и проширена. На договор(е)ните страни во Парламентот не им требаше скафандерско мнозинство за да се усвои, и покрај забелешките дека Законот е противуставен, штетен и дискриминирачки, дека со него се укинува кривичното дело „бесправна градба“ и се создава терен за перење пари, дека стануваат беспредметни урбанистичките планови и се загрозуваат природни богатства во заштитени зони. На лидерска средба, каде што веројатно е договорена оваа амнестија на дивоградењето, помножени со нула се архитекти, градежни инженери, урбанисти, статичари, геодети,  сеизмолози, екологисти и други учени луѓе. Можат сите слободно да си ги искинат дипломите, беззаконието доби правна рамка. По кратка постапка! 

Член во законот е внимателно одреден, вели министерот Благој Бочварски. Веројатно тој што ретроактивно ги ослободува од кривичен прогон осомничените за дивоградби. Уште државата можеби ќе им плаќа за судски трошоци и за нарушен углед. Ако може за овие „свети крави“ ретроактивно да важи овој член, кој гарантира дека утре нема некој дискриминиран со право да побара ретроактивно да му бидат вратени парите што ѝ ги платил на државата за комуналии? 

Здружени  парламентарци, поборници на девизата „купи плац за едно евро квадрат, продај го за сто“ лесно обезбедија „консензус“ (секоја чест на исклучоците). Ни блокада, ни тирада против, за разлика од расправ(иј)ата за пакетот антиковид-закони со кои помош добија социјалните случаи. Едногласни се трибуните кога треба да се офајдат сопственици на скапи дивоизградени викендички со базени, во шуми, покрај врутоци или езера. Ќе се легализираат и платформи на непознати матни типови, како тие од Матка, диви ресторани во природа, можеби и мали хидроцентрали во заштитени еко-зони. Само на Шар Планина 90 куќи без валидна документација ќе добијат правен статус пред прогласувањето на планината за национален парк. Македонија нема ни 500 илјади семејства, но за една декада се легализирани 260 илјади објекти. Велат дека пред шалтер со „документи“ во рацете се наредени уште 160 илјади насмеани лица поради можноста да не платат давачки. Во корист на општата штета. 

Грабањето ќе продолжи и со сериозната намера на власта да се оттуѓи земјоделското државно земјиште за багателни цени. Според предлогот на Владата, субјектите што ќе ги купат обработливите површини, по една деценија ќе можат, ако сакаат, со багери да ги сотрат нашите житници, да посејат бетон врз раноградинарските леи, да ги набркаат тутуноберачите. Националното благо се фрла како курбан во цврстите темели на нивната лична благосостојба.

Лош е трендот на политичарите кои дојдоа на власт со паролата „нема правда, нема мир“. Се занимаваме со ликови од потерници на Интерпол поради кои во светските црни хроники веќе нè нарекуваат „Мафидонија“, татковина на шверцери на мигранти, прибежиште за нарко-босови, мегдан за мафијашки престрелки и меѓународен лов на канабис. Сомнителни ликови се лепат на македонски пасоши, добиваат македонски идентитет и име во земја која не го дава името и идентитетот!?   

Поради лукративни дневнополитички поводи честиме со слобода борци за човекови права со пушки во раце, отворачи на собраниски врати, домобрани кои „спонтано“ влегуваат во законодавен дом да тепаат. Брендираме автохтон „Амнести нешенл“ со пратенички амнестии и претседателски аболиции, Елдорадо со заштитен знак за корупција, Казабланка за мафиози, Шошенк за азиланти…. 

Амнестијата ни станува редовна практика, иако простувањето на непочитувањето на законот може само да доведе до уште поголем хаос, пораз на „силата на законот“ пред силата на политиката. Тоа е многу поголемо зло од самото простување на градењето без дозвола. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот