Албанската опозиција го поддржува протестот на Мета

Фото: Профимедиа

Албанскиот претседател обвини дека земјата се наоѓа во длабока уставна и економска криза.

Обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија, ќе го поддржи протестот што на 2 март на плоштадот „Народни херои ” ќе го организира шефот на државата Илир Мета.

Ставот доцна попладнево го изнесе лидерот на демократите, Љуљзим Баша оценувајќи дека повикот на претседателот не е повик за политичките партии, туку за сите граѓани.

– Повикот на Претседателот не е за политичките партии, за десницата или за левицата, туку за албанските граѓани да ги одбранат темелите на демократијата, а тоа е Уставот. Како граѓани кои сакаат земјата да преземе чекори кон консолидација на демократијата, ние мора да одговориме на секој повик за заштита на Уставот и демократското функционирање на независните институции. Затоа го поддржуваме протестот на Претседателот за Уставот, напиша Баша.

Тој обвини дека земјата се наоѓа во длабока уставна и економска криза.

– Албанија се наоѓа во длабока уставна криза, покрај економската криза, која секојдневно ја преживуваат сите Албанци. Како граѓани, не можеме да ги затвориме очите кога владеењето на законот е заложник, кога ќе бидат уништени институциите, а демократијата е во опасност. Зграпчувањето на Уставниот суд значи уништување на правата и слободите на секој граѓанин. Не можеме да прифатиме Албанија да се врати 30 години назад, изјави Баша.

Тој побара колку е можно побрзо завршување на изборната реформа и спроведување предвремени избори.

– За излез од крзата во која е втурната земјата, за враќање на албанската влада, враќање на албанските општини, враќање на албанската економија, гарантирање на правда независна од политиката, постои едно демократско решение: навремено завршување на изборната реформа и итно одржување на слободни и фер избори! Демократската партија и обединетата опозиција работат на ова секој ден и со поддршка од граѓаните промената ќе стане реалност. Подобри денови!, порача Баша.

Претходно, поддршка даде и лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, која е сопруга на претседателот Мета.

– На протест на 2 март, не за Илир Мета, туку за Албанија и граѓаните, за демократија, подобар живот и запирање на масовната миграција на младите, рече Круемади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот