Алармантни податоци од Антарктикот: На континентот му недостасува количество мраз со големина на Аргентина

Фото: Пекселс/ frederik-sørensen

Додека Северната хемисфера се бори со рекорден летен топлотен бран, многу појужно, во длабочините на зимата, се поставува уште еден загрижувачки климатски рекорд. Морскиот мраз на Антарктикот падна на невидено ниско ниво за овој период од годината, пишува „Си-ен-ен“ (Cnn).

Секоја година, морскиот мраз на Антарктикот се намалува на најниско ниво кон крајот на февруари, за време на летото на континентот. Тој мраз потоа повторно се акумулира во текот на зимата. Меѓутоа, оваа година научниците забележале нешто поинакво.

Морскиот мраз не се вратил ни приближно на очекуваното ниво. Всушност, тоj е на најниско ниво за овој период од годината од почетокот на мерењата пред 45 години. Мразот е околу 1,6 милиони квадратни километри под претходниот зимски рекорд поставен во 2022 година, според Националниот центар за податоци за снег и мраз (NSIDC).

Кон средината на јули, морскиот мраз на Антарктикот беше 2,6 милиони квадратни километри под просекот од 1981 до 2010 година. Тоа е област речиси исто толку голема како Аргентина или комбинираните области на Тексас, Калифорнија, Ново Мексико, Аризона, Невада, Јута и Колорадо.

Фото: Пекселс/francesco-ungaro

„Играта се промени“

Некои научници го опишаа феноменот како исклучителен – нешто толку ретко, што е многу веројатно да се случи само еднаш во милиони години.

Но, Тед Скамбос, од Универзитетот во Колорадо Болдер, рече дека тие термини можеби не се корисни.

„Играта се промени. Нема смисла да се зборува за шансите тоа да се случи како што беше системот порано, тоа јасно ни кажува дека системот се променил“, изјави тој за „Си-ен-ен“. Научниците сега се обидуваат да откријат зошто.

Антарктикот е оддалечен, сложен континент. За разлика од Арктикот, каде што морскиот мраз постојано се намалува како што се забрзува климатската криза, морскиот мраз на Антарктикот се помести од рекордно високо ниво на рекордно ниско ниво во последните децении, што им отежнува на научниците да разберат како реагира на глобалното затоплување.

Но, од 2016 година, научниците почнаа да забележуваат стрмен тренд на намалување. Додека природната климатска варијабилност влијае на морскиот мраз, многу научници велат дека климатските промени може да бидат главниот двигател на мразот што исчезнува.

„Антарктичкиот систем отсекогаш бил многу променлив. Ова (сегашното) ниво на варијација, сепак, е толку екстремно што нешто радикално се промени во изминатите две години, но особено оваа година, во споредба со сите претходни години, најмалку 45 “ вели Скамбос.

Неколку фактори влијаат на губењето на морскиот мраз, изјави Скамбос, вклучувајќи ја и јачината на западните ветрови околу Антарктикот.

„Тоа е големо отстапување од просекот, но знаеме дека морскиот мраз на Антарктикот покажува голема варијабилност од година во година“, изјави за „Си-ен-ен“ Џулиен Стров, постар научник во Националниот центар за податоци за снег и мраз, додавајќи дека е премногу рано да каже дали е ова ново нормално или не.

Фото: Пекселс/lars-bugge-aarset

Каскадни ефекти

Морскиот мраз игра витална улога. Иако не влијае директно на порастот на нивото на морето, бидејќи веќе лебди во океанот, има индиректни ефекти. Неговото исчезнување ги остава крајбрежните ледени плочи и глечерите изложени на бранови и топли океански води, што ги прави поранливи на топење и фрактура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот