Ако разговараш разумно со будала, ќе те нарече будала

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Додека верниците на вмровскиот култ не го бираат вемерото, туку сметаат дека тоа ги избрало нив, оние другите што се во заблуда дека го избрале ВМРО како перформанс на граѓанското право што се темели на разумна одлука, манифестираат симптоми на тешка и прогресивна деменција

За да гласа човек за ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година, треба да е или вмровски верник или, пак, да е малоумен. Признавам дека реченицава не е сосем семантички коректна, зашто утврдува две категории луѓе за кои, меѓутоа, многумина би се заколнале дека се работи само за една. Сепак, постои битна и јасна разлика помеѓу двете групи, и нејзината суштина е врзана за самата смисла на изборите: тоа е прашањето на изборот. Имено, првата категорија во која спаѓаат заколнатите и лојалните вмровци ги опфаќа луѓето што сметаат дека тие и немаат избор, дека тој е направен еднаш за секогаш, веројатно од страна на Господ Бог лично. Тие сметаат дури, дека самите избори се за плачипички, зашто вистинските патриоти, вмровци и борци за слобода или смрт, воопшто не треба да излегуваат на избори, зашто божјата вистина е една и околу нејзиното постоење не може да се бројат гласови.
И, искрено, јас имам разбирање за нивниот став. Тие и не одлучувале – буквално никогаш – за тоа дали да бидат или да не бидат вмровци. Како и бебињата што не ја бираат верата во која родителите ќе ги воведат, така и еден клиро-фашистички култ како што е вемерето, се добива како генетско или културно наследство, и, како што реков, никогаш не се ни избира.

Припадниците на култот го дефинираат својот идентитет со вмровската вера, та вмровштината станува и основниот – и најчесто единствениот – елемент на нивното самоспознавање, но и вградената ментална оптика која им го дефинира светогледот.
Втората група (за која многумина ќе инсистираат дека е исто толку малоумна како и првата), е сепак битно различна од првата група вмровски верници, зашто припадниците на оваа група живеат во заблуда дека можат да избираат, та дури дека до нивниот избор на вемерето дошло по пат на процес на размислување. И тука е длабоката дистинкција помеѓу генетските вмровци и овие вториве вмровци што мислат дека тоа самите го избрале. А во што, ќе прашате, се состои нивната трагична заблуда дека одат на избори за да избираат, што, патем, изгледа сосем логично и остварливо?
Проблемот филозофите го нарекуваат contradictio in adjecto, или на нашки – противречно на самото себеси, т.е. на своите сопствени својства, а оваа противречност впрочем и се однесува на основното својство на оваа група – дека таа е составена од малоумни луѓе на кои размислувањето и правењето одлука на избор не им е во опсегот на менталните способности. Но, бидејќи нивното гласање за вемерето им го ставивме со свршен чин како премиса односно категоријална претпоставка, мораме да утврдиме дека станува збор за уште еден доказ за нивната малоумност, зашто токму нивната убеденост дека извршиле слободен избор врз основа на размислување укажува на фактот дека тие воопшто не се свесни за своите ментални ограничувања (да го употребиме овој политички покоректен еуфемизам).
Несвесноста за сопствените ментални и интелектуални ограничувања го чини веќе популарниот Данинг-Кругеров синдром, кој се состои практично во една когнитивна Замка 22: среќните „сопственици“ на синдромот не се во состојба да ги согледаат сопствените ментални попречености, токму поради фактот што се ментално попречени. Но, во случајот на малоумниците што гласаат за вемерето, мислејќи дека тие не се монаси на вмровскиот култ, а се во заблуда дека изборот го направиле врз основа на слободна одлука што се темели на размисла, паметење и анализа, за нив мора да се земе аналогија од едни посериозни невропатолошки состојби.
Општопознат факт е дека луѓето масовно, уште од млада возраст – од годините на нивниот биолошки зенит – почнуваат да забораваат ситни дневни работи, обврски, имиња на познати, омилени глумци или штогоде, и овие ситуации, кога извесно време мозокот им е како блокиран, и не може да испорача поим, податок или име што милион пати е изговорен, со годините стануваат почести, а блокадата трае подолго (а кога ќе престанете да се нервирате дека нештото ви е „на врв од јазикот“ и кога ќе го тргнете вниманието на друга страна, мозокот како по чудо ви го сервира податокот на ум). Бидејќи заборавањето е општиот, но и најважниот симптом на многуте прогресивни болести на мозокот, како што се различните деменции или денес толку честата и ужасна Алцхајмерова болест, луѓето се многу загрижени дали ова зачестено заборавање не е симптом на некоја од овие смртоносни умирања на мозокот.
Но, конечно, во ова чемерно четиво можам да соопштам и еден утешен и оптимистичен факт. Сите оние што катадневно се нервираат дека забораваат и сѐ повеќе се загрижени да не се влезени во алцхајмеровата спирала на исчезнувањето на личноста и свеста, можат да се опуштат, зашто нивните симптоми не укажуваат на деменција туку на нормално и масовно вообичаено стареење. Најсилниот доказ за ваквата среќна дијагноза е воедно и најочигледниот: самиот факт што заборавањето го забележуваат, ги нервира и ги загрижува, е самиот по себе доказ дека не се заболени од алцхајмеровата болест, зашто навистина заболените никогаш не се свесни за своите когнитивни проблеми.
Ова нè враќа на основната дистинкција од почетокот на овој тежок и самрачен политичко-невропсихијатриски есеј. Имено, додека верниците на вмровскиот култ не го бираат вемерото, туку сметаат дека тоа ги избрало нив, оние другите што се во заблуда дека го избрале ВМРО како перформанс на граѓанското право што се темели на разумна одлука, манифестираат симптоми на тешка и прогресивна деменција, за која, по дефиниција, не се во состојба да бидат свесни, зашто заболениот орган произведува одбранбен систем кој оваа надолна спирала на губењето мозок ја чини поднослива, а на некој ужасен и смртоносен начин дури и благопријатна. Е, сега сигурно ќе прашате, почитувани читатели, како тогаш толку тешко заболени од деменција луѓе – и тоа сите од ред – да гласаат артикулирано и сложно за ВМРО?
Одговорот на ова прашање е преочигледното решение на навидум нерешливата апорија, а тоа е и одговор што ги обединува и двете категории на луѓе што се решаваат во летото господово 2024 да гласаат за вемерето. Очебијната тајна се состои во фактот дека кај првите вемерето е генетско својство, додека кај вторите тоа е тешко когнитивно заболување, па излегува дека и двете групи не го бираат вемерето, туку тоа ги избира нив.
Ако пак кон решавањето на апоријата пристапиме со математичка метода и ја земеме апсурдната претпоставка дека луѓето расудувале разумно за изборот на вемерето, што ќе добиеме? Првин, доколку гласаат за вемерето зашто се разочарани од власта на СДСМ и ДУИ, чијашто основна вина е што не успеала да ги исправи сите криминални состојби што ги востановила ВМРО-ДПМНЕ додека претходно била на власт, значи дека гласаат за уште поголемото влошување на состојбите што вемерето единствено може да ги предизвика доколку се дофати до власта, што пак е апсурдно и малоумно самоубиствено самото по себе. Доколку пак мислат дека „ситуацијата е толку лоша што не може да биде полоша“, повторно создаваат апсурд, зашто состојбите веќе беа полоши кога вемерето владееше цела деценија со диктатура, грабеж и терор, и секако дека ќе бидат полоши доколку злосторничката организација повторно дојде на власт. И конечно, доколку мислат дека е можно со вемерето да станат „повторно горди“, по пат на кретенизацијата на Македоња со подигањето споменици и кичеви со најдолен вкус и без каква и да е смисла, тоа е повторно доказ дека се ментално декапацитирани до рамниште што ги прави потполно несвесни за последиците на нивниот избор кој повторно води кон апсурд.
Ова значи дека секоја од претпоставките за „разумен“ избор на вемерето неумитно води кон апсурд, односно ја докажува првобитната теза дека гласањето за вемерето е можно само под услови на тешка ментална попреченост. Quod erat demonstrandum.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот