АКЦЕНТ: Уметноста како поле на рефлексија, индивидуална експресија и слобода

Ликовната уметница Тања Балаќ имаше повеќе успешни самостојни претставувања во странство во текот на 2019 година, а тука акцентот го ставаме на изложбата „Невидлива изложеност 2“ во изложбениот простор „БВ Експириенс“ (галерија „Прогрес“) во Белград.

Изложбата „Невидлива изложеност 2“ на Тања Балаќ во изложбениот простор „БВ Експириенс“ (галерија „Прогрес“) помина со видлив интерес на јавноста и на ликовната критика. „Со експеримент авторката создава уникатен спој во своите дела, користејќи класични сликарски техники дополнети со текстови кои зборуваат за нејзините емоции“, е потенцирано во одгласите на критиката. Историчарот Дејан Ристиќ прецизира: „Своите интимни доживувања на современиот миг авторката на минуциозен начин, но со голема експресивност, преку своите платна ги дава на увид на публиката, која е поканета на патување низ интроспективниот процес изложен во делата“.

Многу посетители има на фотографиите од отворањето на изложбата во Белград. Какви се Вашите доживување и импресии по завршувањето на изложбата?

– Изложбениот простор „БВ Експириенс“ (порано познат како „Прогрес“) е реномирана галерија во самиот центар на Белград, на познатата улица „Кнез Михајлова“, која низ годините, преку професионален начин на менаџирање има изградено сериозен имиџ и многубројна публика. Точно е дека изложбата побуди голем интерес, многубројни колеги, но и луѓе од јавниот и општествениот живот, како и љубители на уметноста беа присутни на отворањето, но она што остава впечаток, секако, е средбата со една исклучително едуцирана публика со изградени естетски критериуми, полна со прашања и промислувања, желна за отворен дијалог.

Тања Балаќ заедно со историчарот Дејан Ристиќ и професорот Ѓорѓе Станојевиќ на отворањето на изложбата во Белград

Двојката во насловот „Невидлива изложеност“ значи дека тоа е процес што трае, или се однесува само за изложбата во Белград?

– Циклусот „Невидлива изложеност 2“ (слики масло на платно) е започнат пред 4-5 години и оваа изложба во Белград, всушност, е заокружување на истиот. И повторно, како и секогаш во повеќето мои дела, акцентот е на човекот и неговата позиција на осамен поединец во општеството, во кое владее императив на социјална вмреженост. Ако уметноста ја разбираме како поле на рефлексија, индивидуална експресија и слобода, тогаш таа, секако, претставува и поле за поставување низа фундаментални прашања.

Се обидов преку самиот наслов да укажам на нашата „способност“ или „неспособност“ како општество да ги согледаме работите во вистинско светло. Живееме во време во кое како да ни е неопходно „свесно слепило“ за да ја сочуваме илузијата за самите себе или за светот во кој живееме. Колку е лудилото поголемо – толку сме колективно поспремни на себезалажување, а честопати во секојдневниот живот не го гледаме она што ни е буквално пред нас. Сериозната уметност мора да го менува корпусот на „стекнати знаења“ и да отвора нови теми за промислување.

Балерината Саша Евтимова во видеоартот „Меморабилија“

Покрај изложбата во Белград, пред крајот на 2019 година имавте уште еден успешен настап и награда за експерименталното видео „Меморабилија“ на 12. Меѓународно биенале за современа уметност во Фиренца. Видеоартот Ви станува ново поле за уметничко изразување?

– Видеоартот е медиумот што во еден период најмногу ми одговараше во пренесувањето на одредени замисли и идеи. Почнав да експериментирам пред десетина години и низ самиот процес сфатив дека, всушност, содржината на идејата ја диктира и самата техника на реализација. Мене ми е важен процесот на отворање на „проблемот“ и решавањето на некои прашања, кои се појавуваат во текот на работата. Сржта на експериментот е одредена возбуда и будна средба со идејата, можеби допир со непознатото и наизглед невозможното. Во сите мои дела се обидувам да го продолжам отворениот дијалог помеѓу експериментот и играта, ставајќи го акцентот на бојата, пигментот, светлината, изразот на очите. Различен е единствено медиумот, четката понекогаш е замена за светлото во видеото.

Тања Балаќ во Фиренца

Насловот на експерименталното видео, кое во 2019 се здоби со две признанија, е „Меморабилија“. Делото доби Прва награда за „Best Experimental 2019“ на Вирџинија филм фестивал во САД и Четврта награда за видеоарт на Интернационалното биенале на современа уметност 2019 во Фиренца, Италија, а стана дел и од официјална селекција на изложбата во „Цица музеум“ во Јужна Кореја. Секако, се радувам што признанијата стигнаа од надвор. Убаво е чувството дека некој го препознава и вреднува твоето дело, но сликарството секогаш ќе остане мојата „прва љубов“. Во текот на 2020 година следуваат две претставувања во Австрија и во Америка, а кон крајот на годината ќе имам изложба и во Скопје.

Наближува Зимскиот салон на ДЛУМ. Дали пријавивте дело и таму?

– Да, станува збор за инсталација со наслов „Денот кој следи“ и која реферира на една сериозно актуелна тема, која не засега сите, а поаѓа од фактот дека уметноста ја поседува моќта на трансформација на нашето размислување, опкружување и перспективи, а сето тоа не може и не смее да го исклучи општествениот контекст и проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Со уметничката инсталација ќе се обидам да укажам на ужасот којшто следи, доколку не се освестиме навреме.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ бр. 14, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18/19 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот