11 Октомври, празникот на нашата дементност

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Во тапото роморење на досадниот и чудно умирувачки есенски дожд, тивко и безмалку незабележително помина уште еден 11 октомври. Да не беше загадено со вулгарно и во секоја смисла долно гнасење од група психопати, и поклонувањето пред моштите на паднатите борци од Прилеп, ќе поминеше како споредна и рутинска вест. Ниската состојба на свест на целото македонско општество за вистинското значење на почетокот на оружената борба за создавање на современата македонска држава, е бездруго вистинскиот виновник и за вчерашното поганење на прилепската могила. Зашто, очигледно е дека магичните мермерни творби со кои генијот на Богдан Богдановиќ ја внесе спомен-гробницата на прилепските партизани и комунисти во безвременската мапа на историски светилишта што ја слават победата на доброто над злото, веќе со децении исчезнуваат од свеста на македонските граѓани.

Ова бришење на сеќавањето за настаните што се клучни за постоењето на нашата државност, за жал не е спонтан процес на една одумирачка и дементна култура, туку е директна последица од вмроизацијата на севкупната општествено-политичка сфера во трите децении од нашата независност.

Бришење на најважното

Како подруго човек да си го објасни фактот дека практично најзначајниот настан во македонската историја – почетокот на оружената борба против силите на најголемото зло што му се случило на светот – е денес еден незабележен државен празник, втопен во бесмисленоста на дузини други, во кои се слават непостојни настани и личности од религиските скаски, кои, се разбира, немаат никаква врска со настанокот на македонската држава ниту со историскиот изблик и еманципација на македонската културна посебност? Практично сите сведочевме, соучествувавме и учествувавме во вмровската политика на ништење и бришење на славната епопеја во којашто настанавме. Епопеја, во која најхрабрите и најсамопожртвуваните македонски комунисти, скоевци и партизани, под раководство на Комунистичката партија на Југославија и Јосип Броз Тито, со оружје в рака се кренаа во борба против фашистичките јавачи на апокалипсата. И, да, нема поле од нашата стварност во кое оваа културна деменција не ги остави своите длабоки траги.

Првин го сменивме државното знаме, само за да ја избришеме од сеќавање жолтата петокрака со која борците за македонската слобода и иднина ги полагаа своите животи. Потоа ја избришавме петокраката и од државниот грб, каде што таа го красеше „сонцето на слободата“ што го облеа македонското општество. Во меѓувреме дозволивме да бидат откраднати и сквернавени стотини бронзени бисти на херои и спомен-плочи што го мапираа сеќавањето на победничката борба и нејзините жртви. Потоа изградивме чудовишни постаменти и на нив поставивме безумно големи бронзени скулптури во слава на хеленистички кралеви од пред две и кусур илјади години, со јасна порака до светот и до невините умови на нашите млади, дека се тоа најзначајните личности во вселената за македонското државно и културно постоење.

Згора на тоа, со гротескна диспропорција го презголемивме значењето на македонските револуционери од времето на Крушевската република, злосторнички мешајќи ги со вмровските антимакедонци и кољачи, и идни пробугарски фашистички контрачети, подигајќи им стотици грандиозни, но диви и грди споменици. Срамно и малоумно го избришавме од нашите градови, улици и плоштади водачот на југословенската и македонската револуција и победникот во Втората светска војна, најголемиот државник што го имале јужнословенските народи во целата нивна историја, и најзаслужниот историски лик за постоењето на македонската држава и култура – Јосип Броз Тито. Врховниот командант на нашите херои што испукаа куршум кон бугарскиот полициски участок.

Првиот куршум

Може ли некој денес – во оваа дементна културна бара – да замисли против кого, всушност, го испукаа првиот куршум младите прилепски партизани? Тоа не беше полицискиот участок на бугарскиот фашистички окупатор, не – тој беше само непосредната цел на куршумот, зашто оружјето беше кренато против светската оска на злото, предводена од Хитлеровата фашистичка солдатеска. Кој денес може да евоцира каква чудовишна сила била тоа, за да си долови во згрутчената си свест, против кого всушност се кренаа македонските комунисти? До тој 11 октомври германската војска ја прегази Европа: претходно Полска падна за 36 дена, Франција издржа само 43 дена, Холандија падна за 5 дена, Белгија за 18, Чехословачка е прегазена без борба, Грција падна за 24 дена, Норвешка исто, Данска за еден ден, Албанија за 3 дена, а Југославија за 13 дена борба. Сите овие победени и окупирани земји воспоставија квислиншки влади и станаа држави вазали што земаа учество во градењето на обединетата фашистичка Европа. Италија, Шпанија и Португалија веќе одамна беа фашистички држави, а Унгарија, Романија и Бугарија се приклучија со своите фашистички влади кон Оската на злото.

Ако ги напрегнеме нашите меки и замазнети мозоци, треба да се сетиме дека на 11 октомври 1941 година, на нашиот 11 Октомври, кога македонските комунисти го испукаа првиот куршум против фашизмот, целиот европски континент, освен Велика Британија, беше вообединет под знамето на фашистичкото зло и ги хранеше и опремуваше фашистичките здружени армии во освојувањето на првата земја на социјализмот – Советскиот Сојуз. Овие злосторнички армии тој октомври беа длабоко во руската земја: Ленинград под опсада, германските панцир дивизии на две стотини километри од Москва, со заземена безмалку цела Украина со градовите Киев и Харков, Донецкиот базен, и сè до Крим. И таа фашистичка империја – од Атлантикот и Балтикот, до Средоземното и Црното Море – секако најголема и најстрашна сила што светот кога и да е ја видел, тој 11 октомври, длабоко долу, во своето меко потпапочје, почувствува убод од првиот македонски испукан куршум! Ееееј, дементна македонска сегашност, не успеа достојно ни да го запаметиш ниту да го чествуваш својот најголем, најневеројатен, апсолутно најхеројски настан во историјата!?

Ах, дожду октомвриски, почнуваш да ме нервираш: ми ги оставаш мислите слободно да лутаат! И да ме судираат со вистината дека не постои тој факт што човечкиот мозок не е во состојба да го препокрие со лага и глупост, и не постои таа физичка појава – колку и да е голема и очебијна! – што умот наш дементен не може да ја превиди. Па, нас ниту бугарските малоумни санстефанско-фашистички барања не ни се доволен повод за да видиме дека вмровските споменици како да ги градевме по бугарско сценарио!? Зашто вмровската антимакедонска политика на маргинализирање и ништење на нашата партизанска епопеја и полвековната културна експлозија под водството на Тито и на неговите комунисти, е практично идентична со бугарските антимакедонски тези. И, конечно, сè уште не разбираме дека со нерушењето на вмровските споменици на злото ние на светот му кажуваме дека самите не знаеме кои сме, ни што сме, и дека такви – дементни и ретардирани – претставуваме „легитимна цел“ за сите што го сонуваат нашето непостоење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот