„Јазикот е наша татковина“: Најубавите стихови напишани на македонски јазик

Фото: Pexels

Јазикот на којшто се напишани стиховите на Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Кочо Рацин, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски… зарем постои поубав јазик на светот?

Денеска го одбележуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Овој датум е исклучително значаен за Македонците бидејќи на овој ден во 1945 година е озаконета македонската азбука, онаква каква што ја користиме и ден-денес.

Зачетокот на македонскиот писмен јазик лежи во првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој продолжил да се развива низ вековите, а тоа можеме да го воочиме со засиленото навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од XVI век. Јасната свест за посебноста на македонскиот јазик се појавила во XIX век, што резултирало со објавувањето на „За македонските работи“ на Крсте Петков Мисирков во 1903 година.

Македонскиот јазик официјално станал службен јазик на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, азбуката на македонскиот јазик била усвоена на 5 мај 1945 година, врз принцпиот еден глас – една буква. Еден месец подоцна, на 7 јуни 1945 година, е усвоен и правописот на македонскиот јазик, како и основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.

„Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“, вака зборуваше Конески своевремено.

По овој повод, денеска ќе се потсетиме на најубавите стихови напишани на македонски јазик.

„До кај што сум ја пренесол својата љубов,
дотаму е мојата татовина.
А вие, еј!
На што сте смислиле да ја сведете?!“

– Блаже Конески, „Татковина“

„Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот“

– Петре М. Андреевски, „Кога ја љубев Дениција“

„Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси“

– Koчо Рацин, „Денови“

„Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече“

– Ацо Шопов, „Во тишина“

„Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе…

Прашинка љубов, прашинка ништотна,
прашинка невидна,
но сепак љубов, сепак љубов!
Дај да те имам во дланкиве,
Нетежина, Несетило!
Дај да поверувам дека си во мене,
стуткана некаде во мене!“

– Гане Тодоровски, „Љубов“

„Стадо в кавал заљубено
ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено

Румено. Румено. Румено.“

– Матеја Матевски, „Залез“

Разговор со Марија Лозаноска, професорка по македонски јазик: Да го сакаш мајчиниот јазик треба да биде најосновна обврска на секој човек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот