Зошто вака ни прават?

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Има и многу други работи кои зависат само од нас и Европа нема никаква врска со тоа. Ако земеме да ги дотеруваме, барем ќе ни се одвлече вниманието од проблемите со Бугарија, па може да станеме и креативни. Мислам овие недостатоци кои сите ги чувствуваме постојано се наши недостатоци, немаат врска со интеграции и меѓународни констелации.

Кога престанува надежта? Веројатно кога ќе престанете да се надевате! Дали сме стигнати до таа фаза или сè уште има некои внатрешни резерви кои оваа македонска мака голема ќе ја направат посвралива?

Сега кога и најоптимистичните аналитичари, објективните посматрачи на процесите низ кои поминуваме не гледаат некоја оставрлива перспектива во некој разумен рок. Бугарите се вшанчиле на една позиција која не ветува скоро решение (или би требало така да се чини). Ние очигледно немаме одговор на многу прашања и остануваме зачудени со истото никогаш одговорено прашање: А зошто вака ни прават? Дали дошло време да се запаршаме: А зошто вака си правиме?

Во нашава заедница многу работи не се направени или пак се направени со недостатоци и мани кои најчесто однадвор ги гледаат подобро отколку ние одвнатре. А кога сме спремни да разговареме за тие недостатоци, секогаш имаме некои оправдувања во кои главните виновници се редовно некои други. Од турското ропство, комунизмот, светските односи, непријателите од сите фиоки.

Во соцкомунизмот нè замајуваа дека идеалното општество е на хоризонтот. А хоризонтот е замислена линија  до која колку што се приближуваш толку се одалечува! Или така некако. Но едно е сигурно така не држеа во подготвеност, на штрек, на ветувања. И Европа се обидува со истиот штос, ама едвај успева. Не е убедлива или ние сме огуглале. Не знам што им се намерите, ако ги имаат, но веројатно чекаат и ние нешто да сториме. Списокот на она што треба да го сториме  е позанат, само треба да се најде некоја сила која ќе започне.

Може да се почне од образованието, да почнат децата да учат она што треба, а не она што е замислено во некој кабинет. Можеби треба да учат дека образованието е најдоходовниот капитал, а не странските (пот)купени инвестиции. Да се научиме дека од бакарот, оловото, цинкот, никелот… се прават некои вредни финални производи, а не се извезуваат само како примарни, а од тој извоз главната добивка оди кај некои мултинационални компании.

Ако е ова компликувано, да се обидеме од доматите кои се, нели, најдобри на светот, да направиме сокови, да ги конзервираме барем приближно како што тоа го прават Италијанците. Ова важи за еден куп производи кои можат да нè направат извозници, а не зависници. Можеме да се погрижиме попостојано и околу енергетиката, а не тоа да го правиме кога јацето ќе ни дојде на едно место, како што тоа сега се случува.

Воопшто, мора да се престане со оние бесмислени крстови на Тодор Петров, зашто тие се добра инспирација за оние споменици како во Слупчане, а потоа… Тоа веќе сме го искусиле. Сега е ред да престанеме да ги правиме истите глупости.

Мислам дека многу работи ќе се сменат ако сообраќајците наместо скриени во грмушки (како друмски разбојници) зад кривината и ловат за пребрзо возење, да се постават нескриени пред местата каде што се забрзува. И да не им биде главната идеја тоа колку казниле, туку дали се намалило брзото возење.

Можеби треба да се поработи на едношалтерскиот систем и покрај тоа што беше блеф на Груевски. Важно е дека тој не профункционира. Можеби треба да се размисли и за оние 150 илјади државни службеници, вработени како партиска задолжителна квота.

Дали би се сменило нешто кога Данела ќе сфати дека улиците треба да се мијат со вода (она што не го сфати ни Шилегов, ниту Коце…) и дека против комарци се прска со средства против комарци? Тоа ќе го сфати (можеби) откако ќе ги реши трите децениски градилишта на Плоштадот во Скопје.

За да не се почуствуваат запоставени оние кои носат и предлгаат закони да го донесат конечно законот за потекло на имотот, па конечно онаа комисија за спречување на корупцијата да почне да работи. Сигурни таму ќе има интересни случаи.

Има и многу други работи кои зависат само од нас и Европа нема никаква врска со тоа. Ако земеме да ги дотеруваме, барем ќе ни се одвлече вниманието од проблемите со Бугарија, па може да станеме и креативни. Мислам  овие недостатоци кои сите ги чувствуваме постојано се наши недостатоци, немаат врска со  интеграции и меѓународни констелации.

Ако ништо друго да се однесуваме според онаа народната: замети го својот двор пред да погледнеш кај комшијата!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот