Жителите на Турско Рудари бараат средба со надлежните: Не може на нашите ниви да произведуваат струја

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Жителите на пробиштипското село Турско Рудари, кои се спротивставуваат на изградбата на мала хидроцентрала на реката Шталковица, пред еден месец со собрани потписи од жителите побарале средба со одговорни лица во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), но уште чекаат на одговор оттаму.

„Побаравме да се сретнеме со надлежните за издавање дозволи и концесии, бидејќи сметаме дека дозволата за реката Шталковица е издадена без да се почитуваат одредени законски обврски, па дури и приватна сопственост на наши соселани. Конкретно, хидроцентралата треба да се гради низ три ниви кои се приватни, а во документацијата на фирмата која гради стои дека се државно земјиште“, вели Љупчо Стојанов од месната заедница Турско Рудари и додава дека на концесионерот дури му било дозволено да сече шума на тие приватни парцели.

Од МЖСПП информираат дека жителите на пробиштипското село можат да дојдат и да направат увид во документите издадени за малата хидроцентрала, чиј концесионер е фирмата ДИС енергија, но дека директорот на Управата за животна средина Хисни Џемаили ќе ги прими кога ќе има слободен термин.

Во меѓувреме, градоначалникот на Општина Пробиштип и мнозинството на советници во Советот на Општина Пробиштип застанаа зад барањето за ревидирање на целата постапка околу изградбата на мини хидроцентралата во Турско Рудари. Градоначалникот Драган Анастасов вели барањето ќе го достават до МЖСПП, во обид да се спречи изградбата на мини хидроцентралата.

– Општината навистина е немоќна да ја спречи изградбата на мини хидроцентралата и можеме да направиме дополнителни финансиски импликации на штета на буџетот на граѓаните на Општина Пробиштип – вели Анастасов и додава дека фирмата концесијата ја добила во 2016 година, во време на претходниот градоначалник, а за проектот дознале изминатото лето.

Како што во повеќе наврати пишуваше „Слободен печат“, жителите на пробиштипското село Турско Рудари се спротивставија на изградбата на мини хидроцентрала бидејќи стравуваат дека ќе останат без вода за пиење и за наводнување на нивните земјоделски површини. Тие се категорични дека не биле консултирани кога државата одлучувала да ја даде под концесија реката која поминува низ нивното село и нивните ниви. Во неколку наврати имаа и протести и блокада на патот, со цел да се спречи инвеститорот да работи на подготовка на теренот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот