Жените низ времето: Родени се Љупка Џундева и Малала Јусафзаи, Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените

жените низ времето
Фото: епа-ефе + принтскрин јутјуб + unsplash

7. 7.1967 Почина Вивиен Ли, една од најистакнатите глумици во историјата на филмот. За нејзината мрачна страна од животот и љубовта со Лоренс Оливие, како една од најтрагичните љубови на Холивуд, прочитајте во овој број во рубриката „Чудесни жени“.

8. 7.2011 Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција, односно Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство. Според Инстанбулската конвенција, насилството врз жените се дефинира како „кршење на човековите права“, а домашното насилство ги означува „сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството“.

8. 7.1593 Во Рим, Италија, е родена Артемизија Џентилески, сликарка во период од историјата на Италија кога жените не биле поддржани од мецени, ниту од колегите сликари. Нејзините дела раскажуваат приказна за храбри жени, способни да се борат, по цена и на сопствениот живот, за да докажат дека постојат. Но, ако се гледа внимателно, лесно може да се забележи единственото лице зад секое од тие лица: лицето на авторката. Не било лесно да се етаблира како сликарка во свет кој не им дозволува на жените да посетуваат уметнички училишта. Сепак, станала една од најважните италијански сликари и важи за уметница на школата Караваџо, поради нејзините потези што го рефлектираат стилот на големиот Микеланџело Мериси. Учела сликарство од татко ѝ, тосканскиот сликар Оразио Џентилески. Како девојче била силувана од сликарот Агостино Таси, пријател и колега на татко ѝ, но не го издала сликарот веднаш, бидејќи ѝ ветил дека ќе го замолчи злосторството со свадба – еден од начините на кои во тоа време било можно да се врати достоинството на повредена жена. Но, Таси не ја испочитувал обврската, а веројатно тој веќе бил и оженет, па Артемизија одлучила да помине низ долго и понижувачко судење. Одбраната се обидела на секој начин да ја дискредитира девојката која била принудена да го потврди своето сведоштво преку болен и опасен тест на дробење на палците. Едно од нејзините најпознати дела датира токму од овој период: „Јудит ја обезглавил Холоферн“. До 1621 година останала да живее во Рим, потоа се преселила во Венеција, па во Неапол, градот каде што ќе остане трајно, освен краткиот престој во Лондон во 1638 година, кога прстојувала во дворот на Чарлс Први, заедно со татко ѝ, исполнувајќи си го сонот двајцата да работат заедно. Среќата не траела долго: татко ѝ ненадејно умрел една година подоцна. Артемизија починала во 1653 година, оставајќи зад себе бројни ремек-дела.

10. 7.1931 Родена е Алис Манро, канадска писателка на кратки раскази, добитничка на Нобелова награда за литература (2013).

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vasil Zafirchev (@vasilzafirchev)

11. 7.1934 Родена е Љупка Џундева, доајенка на македонското глумиште. Во МНТ се вработува во 1951, каде што останува до пензионирање. Инаку, припаѓа на актерите кои ја завршиле Државната театарска школа во Скопје.

12. 7.1997 Родена е Малала Јусафзаи, активистка за права на жени и деца, која се прослави со мемоарите „Јас сум Малала“. На 17 години Пакистанката ја доби Нобеловата награда на мир, станувајќи најмлад добитник на престижната награда, поради залагањата за образование на сите девојки, иако врз неа Талибанците извршиле атентат, неуспешен, стрелајќи ја во глава поради нејзиниот активизам.

малала
Фото: EPA-EFE/Marcelo Chello

13. 7.1954 Почина славната мексиканска сликарка Фрида Кало. Позната е нејзината реченица „Мојот живот е спонтан абортус, а уметноста е раѓање“. На шест години заболела од полиомиелитис, кој ѝ ја оставил пократка десната нога, тоа го криела носејќи долги разнобојни здолништа. На 18 години доживела катастрофална сообраќајна несреќа, рбетот и бил скршен на три места, а метална шипка ѝ го пробивала стомакот. Десната нога ѝ била речиси смачкана. Никој не верувал ни дека ќе преживее. Една година лежела во халуцинации и болки, па почнала да слика во кревет и со помош на огледало најмногу се сликала себеси. Со текот на времето, овие автопортрети станале нејзин заштитен знак. Од денот на несреќата до крајот на животот, Фрида Кало поднела 32 операции, болката почнала да ја ублажува со алкохол и дрога, ногата ѝ била ампутирана заради гангрена, а деца не можела да има. На сликата на која се насликала себе со ампутирана нога напишала: „Што ќе ми е нога кога можам да полетам“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот