„Зелен хуман град“ со листа мерки до Советот и Арсовска: Потребни се заеднички решенија за загадувањето

Советот на Град Скопје да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање температурни инверзии во скопската котлина. Јавно да се објави регистар со правни лица, како и локацијата каде се наоѓаат во Скопје, кои според закон задолжително би морало да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека немаат. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри, што е соодветно за ограничувањето на брзината во населени места на 50 км на час. Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје. Нови паркинг-места за велосипеди и заклучок за задолжителен велосипедски паркинг за сите нови објекти. Измена и дополнување на Краткорочниот акциски план за заштита на амбиентниот воздух во Град Скопје и општините во Град Скопје со мерки кои се во склад со најновите научни сознанија за изворите на загадување во Скопје.

Ова се шесте мерки кои „Зелен хуман град“ смета дека треба да се спроведат итно за намалување на загадувањето во градот. Покрај нив, тие предлагаат уште девет, кои треба да се реализираат до крајот на мандатот на актуелниот состав на градскиот Совет, односно до 2025 година.

– Оваа листа на мерки ја пративме до сите советници на Град Скопје и до градоначалничката. Целта на ЗХГ е сите заеднички да изградиме консензус по прашањето и како локална самоуправа да спроведуваме активности кои се комплементарни, логични и се темелат на најновите научни сознанија, анализи и мерења. Само така можеме да придонесеме за почист воздух во Скопје. Преголема е цената во човечки животи што ја плаќаме, за загадувањето да продолжи да биде злоупотребувано за меѓупартиски пресметки. Сите го дишеме истиот воздух! Затоа, решенијата мора да ги носиме заедно и тие мора да се засноваат на наука, факти и непобитни докази – велат од „Зелен хуман град“.

Меѓу среднорочните мерки кои треба да се спроведат во следниве три години, од граѓанската иницијатива предлагаат да се формира густа локална мрежа од мерни станици, особено околу индустриски капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи. Од ЗХГ сметаат дела во сите скопски општини треба да има по една биокомпостара – по една за секоја општина, со што не само што ќе се елиминира огромното количество отпад, туку од него ќе се добие и енергија и органско ѓубриво. Се предлага и поставување фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје, но и давање субвенции за фотоволтаци за индивидуалните домаќинства. Предложени се и мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, потоа субвенции за енергетски ефикасни фасади на згради, систем за самоизнајмување велосипеди, како и високоразвиен јавен превоз, кои треба да функционира, односно да се движи издвоен од останатиот сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот