Збогум на илјадниците амандмани како најсилно опозициско оружје

Димитар Апасиев, пратеник Фото: Принтскрин

Во обид да го спречат донесувањето на новиот Деловник, односно блокирањето закони преку поднесување амандмани, пратениците на Левица Борислав Крмов и Димитар Апасиев искршија два монитора, микрофони и телефон, и ги расфрлаа листовите со амандмани

Пратениците од власта и од опозицијата укинаа еден од столбовите на парламентарната демократија – филибастерингот, односно можноста за блокада на закони, откако прексиноќа, со мнозинство од 83 пратеника и двајца против, го донесоа новиот собраниски Деловник. Ова значи дека новиот парламентарен состав не ќе може да блокира закони, без оглед колку амандмани ќе бидат поднесени на законско решение, бидејќи расправата за законите во редовна постапка ќе траат најмногу пет дена.
Бидејќи Собранието го укина филибастерингот, институт што го практикува една од најстарите парламентарни демократии, како САД, идното владејачко мнозинство во Собранието ќе нема потреба да го злоупотребува европското знаменце (една од критиките кон нас во Извештајот на Европската комисија), бидејќи новиот парламентарен состав и законите во редовна постапка ќе ги носи „на брза лента“.

Пратениците на Левица Борислав Крмов и Димитар Апасиев вчера поради ова предизвикаа инцидент во Собранието. Тие во обид да го спречат донесувањето на новиот Деловник искршија два монитора на пултот на претседателот на Собранието, микрофони и телефон, фрлаа со листовите со амандмани кон претседавачот со седницата Горан Мисовски. На седницата паднаа и навреди и закани дека Левица ќе биде дел од владата само ако Џафери заврши во затвор.

Апасиев: Минута молчење на парламентарната демократија

Пратениците од Левица ѝ оддадоа минута молчење на парламентарната демократија, а Апасиев на собраниската говорница го собу чевелот и со него „печатираше“ дел од 2.461 амандмани што „не биле уредни“ и затоа се одбиени од мнозинството. Крмов инсистираше седницата да биде прекината, бидејќи тоа што го прават е без преседан во парламентарната историја. За Апасиев, сериозноста е во тоа што во идниот парламентарен состав секој закон ќе биде со „европско знаменце“.

– Тоа значи дека опозицијата, без оглед дали има 59, 58 пратеника, не ќе може ништо да спречи. Тоа е влез во диктатура – рече Апасиев.

Откако Деловникот помина, Џафери ја прекина седницата и најави дека од денеска законодавниот дом ќе заседава во салата „Купола“ поради штетата што ја направиле пратениците од Левица.

– Имајќи предвид дека е направена материјална штета и е онеспособен системот за работа, седниците на Собранието понатаму, до отстранување на штетата и поправка на оштетениот дел, ќе се одвиваат во салата „Купола“ – рече Џафери.

Тој посочи дека пратениците на Левица ќе треба да ја платат штетата направена во Собранието и додаде дека пратениците имаат имунитет само за кажаното на собраниската говорница, но не и околу неа.
Крмов вели дека ќе ја плати штетата.

– Материјалната штета во Собранието ќе биде платена, но штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна. Собранието сега е само обичен извршител на одлуките на Владата. Кога следната влада ќе дојде на власт, практично, веќе ќе нема Собрание. Во Собрание мора да има судир на идеи, а не да биде како Владата – смета Крмов.

Впечатливо е дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија меѓу себе се обвинија дека соработувале со Левица за хаосот во Собранието.

– Тие се лонче и капаче. Дивеењето на Левица во Собранието е потврда на она што го говориме цело време. Односот на Левица и ВМРО-ДПМНЕ кон Собранието е однос кон државата, однос кон граѓаните – истакнаа од СДСМ и порачаа дека „за дивеењето мора да им одговорност од пратениците на Левица“.

Од СДСМ очекуваат Јавното обвинителство да поднесе соодветни кривични пријави.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека инцидентот во Собранието е исцениран и на него гледаат како на „евтина проѕирна и договорена драма меѓу Апасиев и Левица со ДУИ и СДС“.

– Всушност, Апасиев кога не беше за филибастеринг и беше коалициски партнер на СДС и советник на СЈО, заговараше минатиот претседател на Собрание Вељаноски да биде избркан на „шамари, клоци и тупаници”. Зошто дојде до инцидент во пленарната сала, кога претходно претседателот Џафери со Апасиев и со Крмов договорија да им бидат прифатени 12 амандмани, меѓу кои и клучниот – филибастерингот да остане, а Левица да повлече околу 2.000 амандмани со кои првично се закани дека ќе го блокира носењето на Деловникот – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери не одговори зошто е прекршен договорот со Левица

„Слободен печат“ веќе објави дека Џафери во тет-а-тет преговорите со пратениците на Левица, кои траеа десетина дена, попуштил и само за Деловникот да биде изгласан со консензус од сите пратеници се согласил да остане институтот филибастеринг. Според собраниски извори од власта, договорот важел до попладнето минатиот петок, кога пратеници од власта поднеле амандмани со кои ги поништуваат амандманите за филибастерингот на Левица, односно во важност да остане првичниот предлог Деловник поднесен од Џафери, каде блокадата се укинува. По ова, Левица на пленарната седница, вчера поднела нови 2.461 амандмани и побара Деловникот да се тргне од дневен ред и да се прекине седницата, по што се случи инцидентот.

Од СДСМ не ни одговорија зошто е прекршен договорот, додека од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека договорот го прекршила Левица. Наводно Левица поднела повеќе од 2.000 амандмани, по што Џафери се налутил и пратеници од власта поднеле амандмани со кои амандамните на Левица ги анулирале. Според ВМРО-ДПМНЕ, инцидентот на Левица ѝ е потребен за предизборен спот.
И покрај барањето, од Џафери не добивме одговор зошто е прекршен договорот со Левица и со новиот Деловник е укинат филибастерингот. Од кабинетот на Џафери информираат дека по инцидентот, МВР направило увид и дека се врши процена на штета од собраниска комисија, осигурителна компанија и од Бирото за судски вештачења. Откако ќе заврши процената, ќе се знае износот на направената штета во Собранието.

Џафери во изјава за МИА вели дека постапката треба да ја води Обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која се вршеше директен пренос на Собранискиот канал и и на веб-страницата на Парламентот. Владејачките СДСМ и ДУИ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Џафери како предлагач на Деловникот, го бранеа укинувањето на филибастерингот со ставот дека без блокади Собранието ќе биде пофункционално. Според Џафери, целта на сите учесници во изготвувањето на новиот Деловник била да се спречат сите несакани случаи на блокирање на работата на Законодавниот дом, поучени од досегашното искуство во изминатите 30 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот