Џафери попушти: И со новиот деловник ќе може по старо – еден пратеник да блокира закон!

Падна договор помеѓу Џафери и Левица за опозициската партија да се откаже од блокадата на новиот деловник, чиј предлагач е првиот парламентарец. Синоќа, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања усвои околу 12 амандмани на опозицијата, меѓу кои и клучниот за филибастеринг.

Институтот филибастеринг останува и во новиот собраниски деловник, односно опозицијата од идниот парламентарен состав или дури и само еден пратеник ќе може да блокира закон со илјадници амандмани ако оцени дека тој не е во интерес на граѓаните.

Ова, неофицијално, е клучниот амандман за договор помеѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и партијата Левица за опозициската партија да се откаже од блокадата на новиот деловник, чиј предлагач е првиот парламентарец. Левица првично за предложениот нов деловник поднесе околу 2.000 амандмани, по што комисиската расправа беше заглавена 10 дена, период во кој Џафери преговараше со пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Синоќа, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања усвои околу 12 амандмани на опозицијата, меѓу кои и клучниот за филибастеринг.

Во новиот деловник се предлагаше амандманската расправа и за законите во редовна постапка да заврши за три дена, без оглед на бројот на поднесените амандмани. Доколку таа одредба останеше во новиот деловник, пратениците ќе немаа можност за блокада на Собранието.
Главните аргументи на Левица да остане филибастерингот се дека тоа е единствениот начин опозицијата да ја натера власта да преговара, дека ни САД како земја со најстара демократија не се осмелила да го укинува филибастерингот.

„Во спротивно, зошто воопшто би постоела опозиција во Собранието ако не може преку амандмани да блокира законски решенија и да ја принуди власта на преговори. Отстранувањето на филибастерингот ќе значи парализа на парламентаризмот“, сметаат од Левица.

Токму укинувањето на филибастерингот, Џафери, пратениците од мнозинството, но и од опозицијата, го истакнуваа како еден од клучните аргументи за пофункционално Собрание, односно дека без тој институт ќе се овозможи непречено носење на законите.

Не помина амандманот против двојазичноста, иако опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица инсистираа да се усвои. Во новиот деловник се предлага: „Во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо“. Во актуелниот Деловник пишува: „Во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Опозицијата е против издигнување на албанскиот јазик на ниво на македонскиот јазик, односно легализација на, како што велат, дивоградбата на Законот за јазиците, кој помина без потпис на претседателот на државата.

Не помина ниту амандманот со кој се бараше да не може Верификациската комисија да оспори мандат на пратеник, ниту амандманот со кој, освен претседателот на Собранието, собраниска седница да може да ја свика и премиерот и претседателот на државата. Наспроти тоа, на претседателот на Собранието, освен како единствено надлежен да свика пленарна седница, со новиот деловник му се дава и правото да може да свика и седница на комисија.

Не бил прифатен ни амандманот со кој се бара претседателот да нема право да преиспитува референдумска иницијатива, туку да остане како во актуелниот Деловник – референдумската иницијатива претседателот само да ја препрати до комисија.
Поддршка не доби ниту амандманот еден од потпретседателите на Собранието да мора да биде пратеничка.

Предлог-деловникот се очекува да биде ставен на дневен ред на новата седница, закажана за 20 ноември.
Дебатата за новиот деловник почна пред пет години во дијалогот „Жан Моне“, кој е заеднички процес на Европскиот парламент со македонското Собрание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот