Завршена изградбата на социјалната зграда во Пробиштип

Социјална зграда Пробиштип/ Фото: Архива на Слободен печат

Заврши изградбата на социјалната зграда во Пробиштип, што ќе овозможи решавање на станбеното прашање на 48 семејства од социјално ранливите категории на граѓани. Становите се со површина од 35 до 45 квадратни метри, а ќе бидат распределени во транспарентна постапка согласно методологијата на бодирање на кандидати по завршување на  Локалните избори.

Денеска во обиколка на објектот беа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.

Според министерот Бочварски, со градење на објекти од ваков тип, Владата покажува посветеност и желба да ги решава суштински потребните прашања кои ги засегаат граѓаните.

-Секоја станбена единица е шанса за подобар живот на наши сограѓани. Со програмата на изградба и одржување на станови во изминатите години се изградени околу 750 станбени единици, а во овој момент во тек на изградба се преку шестотини вакви станови на осум локации во осум општини во државата, рече Бочварски.

За генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор, Трајковски, денешната заедничка обиколка на зградата со министерот за транспорт и врски Бочварски и градоначалникот Анастасов, покажала дека на терен е завршено се што е планирано во проектот.

-Очекувам и поголемиот дел од социјалните згради што ги започнавме во последниве две години да бидат при крај после Нова година и дека во утврдените временски рокови ќе бидат распределени становите на граѓаните на кои што им се најпотребни, рече Трајковски.

Нагласи дека Акционерското друштво останува силно посветено на социјалната политика заедно со министерот и со сите градоначалници што се вклучени во овој процес, што е и потврда за успешноста на овој проект кој, како што рече, за брзо време ќе се затвори.

Изразувајќи задоволство од завршување на проектот, градоначалникот Анастасов рече дека ги знае проблемите на неговите сограѓани кои ќе можат да аплицираат и да решат еден децениски, долгогодишен проблем, односно да имаат свој покрив над глава.

Вкупната сума на чинење на објектот во Пробиштип изнесува 68.880.116 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот