Захариева се огради од Џамбаски: Бугарија нема територијални претензии, а Владата во Скопје да не молчи за ИФИМЕС

Фото: EPA-EFE/Tamas Kovacs HUNGARY OUT

Шефицата на бугарската дипломатија ја прозва македонската Влада за извештајот на Институтот ИФИМЕС од Љубљана, потенцирајќи дека предизборниот спот на Џамбаски доаѓа по тридневен молк од Владата во Скопје за словенечката невладина организација.

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева категорично се дистанцираше од скандалозниот предизборен спот на европратеникот Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД, во кој тој вели „Македонија е бугарска“ и искажа територијални претензии.

Реакцијата на Захариева доаѓа откако нашето Министерство за надворешни работи (МНР) испрати протестна нота до официјална Софија. Покрај ставот за Џамбаски, шефицата на бугарската дипломатија ја прозива Владата да се огласи за ставови изразени во анализата изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

„По повод протестната нота добиена од Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија во врска со предизборното видео на европратеникот Ангел Џамбаски, МНР сака да посочи оти смета дека тој е несоодветен. Потенцираме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Бугарија нема територијални претензии кон други земји и тоа постојано го декларираше. Забележуваме и дека ова видео од бугарски политичар доаѓа и по тридневниот молк на Владата на РСМ која ја повикуваме да се огради од клеветничките публикации на словенечката невладина организација ИФИМЕС“, вели Захариева.

Таа забележува дека Владата не само што не ги осудила ставовите во анализите на ИФИМЕС туку го нарекла овој институт „реномиран“. Понатаму, Захариева им забележува и на македонските медиуми.

„Исто така, забележуваме и медиумски мрак во медиумите на РСМ во врска со бугарскиот демарш по повод словенечката невладина организација, што сведочи до кој степен властите во оваа земја кандидат за ЕУ толерираат популизам и слобода на изразување“, реагира Захариева.

Покрај протестната нота што МНР ја испрати во Бугарија во врска со видеото на Џамбаски, Министерството најави дека ќе реагира и до ЕУ.

Анализите на ИФИМЕС поврзани со Бугарија ги налутија бугарските власти, па изминатиот викенд официјална Софија најави дека ќе го повика в.д. шефот на Амбасадата на Северна Македонија за да објасни дали македонската Влада е поврзана со кампања за клевета против Бугарија. Во реакцијата што ја објави бугарското МНР беше изразена загриженост бидејќи, како што наведоа, поранешни или сегашни советници на премиерот учествуваат во управувањето со Институтот.

Властите во Скопје, пак, се огласија дека постапката да се повикува в.д. амбасадорот е несоодветна бидејќи анализата на ИФИМЕС не е поврзана со Владата.

„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на доверба на регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту каков било правно обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“, реагираа од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот