Загадениот воздух негативно влијае на менталното здравје: Опасно откритие на италијанските лекари

Фото: Пекселс/berna-tosun

Се чини дека секоја измината недела се засилуваат доказите дека загадувањето на воздухот му штети на нашето здравје. Сега истражувањето во Рим го откри влијанието на загадениот воздух врз нашето ментално здравје.

Студијата во која се користени податоци за повеќе од 1,7 милиони луѓе, ја истражува врската помеѓу поголемото загадување со штетните честички во воздухот и состојбите како што се анксиозните нарушувања и депресијата.

Д-р Федерика Нобиле од одделот за епидемиологија на регионалната здравствена служба Лацио тврди дека загадувањето на воздухот има негативно влијание врз менталното здравје на луѓето и објасни што довело до истражувањето.

– Неодамнешните студии го поврзуваат загадувањето на воздухот со психолошки нарушувања, вклучувајќи депресија, анксиозност и психотични епизоди. Сепак, сите овие врски беа направени и истражени во помали групи луѓе, така што резултатите од студијата е малку потешко да се генерализираат – изјави Нобиле, пренесе лондонски „Гардијан“.

Нејзиниот тим започнал со пописни податоци на повеќе од 1,7 милиони возрасни лица кои живеат во Рим во 2011 година и ги искористиле нивните здравствени досиеја.

Ревидирана е здравствената евиденција за периодот до 2019 година , кога станува збор за нови случаи на психички проблеми, а меѓу нив има и лица кои се примени во болница, како и пациенти со обновени рецепти за антипсихотици, антидепресиви и стабилизатори на расположението.

Податоците биле споредени со податоците за загадувањето на воздухот и сообраќајната бучава каде што живееле луѓето, како и со други социјални фактори кои можат да влијаат на менталното здравје, вклучително сиромаштијата, невработеноста, образованието и брачниот статус.

Тие откриле дека луѓето кои живеат во области со повеќе загаден воздух имаат поголема веројатност да развијат шизофренија, депресија и анксиозни нарушувања.

Потоа следела анализа на лекови на рецепт, каде луѓето на возраст меѓу 30 и 64 години имаат најјасна врска со загадениот воздух.

Користејќи ги податоците од студијата, можно е да се предвидат придобивките од подобрувањето на воздухот во градот. Намалувањето на просечното загадување со честички во Рим за 10 отсто може да ги намали овие вообичаени состојби на менталното здравје за 10-30 отсто.

Други студии, вклучително и седумгодишна истрага предводена од Кралскиот колеџ во Лондон, покажаа дека загадувањето на воздухот исто така има улога во сериозноста и релапсот кај луѓето со психијатриски нарушувања како што се шизофренија и депресија.

Д-р Јоанис Баколис, од Кралскиот колеџ во Лондон, кој не бил вклучен во студијата во Рим, изјавил: „Студијата од големи размери во Рим ги обезбедува многу потребните докази и ја зголемува нашата доверба во врската помеѓу загадениот воздух и психијатриските нарушувања, зголемувајќи ги претходните наоди од ОК , САД и Данска.

„Просечната изложеност на жителите на Рим на годишно ниво на ПМ 2,5 честички е повеќе од три пати повисока од она што го сугерира Светската здравствена организација (СЗО). Намалувањето на загадувањето на воздухот според упатствата на СЗО не само што може да го подобри здравјето на мозокот, туку и да ја намали побарувачката на веќе преоптоварените психијатриски услуги по пандемијата“, вели Баколис.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот