Заев: Размислуваме за ребаланс на Буџетот во тек на летото

фото: МИА

Размислуваме за ребаланс на Буџетот заради одличните перформанси, пред се, во приходниот дел, кои реално можат да предвидат почеток на нови капитални зафати во државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Ребалансот, како што рече, е можно да се направи во текот на летото, а за подетални информации упатува на Министерството за финансии.

„Се ќе зависи од политичката состојба во државата, успешноста или неуспешноста на изборите. Нашата проекција е димензионирана на успешни избори“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезната маса: Економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции, во организација на Институтот за стратегија и развој.

Досегашните перформанси на приходниот дел на Буџетот и севкупниот Буџет ни даваат за право од позитивен аспект да размислуваме за ребаланс на Буџетот, дополни Заев.

Тој вели дека секоја недела го следи трендот на реализација на капитални инвестиции и оти засега, како што рече, е задоволен од деталните извештаи што ги добива.

„Секако, бројките ќе бидат во вториот и третиот квартал кога ќе се плаќа тоа што се реализира сега“, рече Заев, прашан дали очекува успешна економска година и покрај резултатите за реализација на капиталните инвестиции од 6,2 проценти во првиот квартал годинава.

Лани, посочи премиерот, државата била стабилизирана финансиски и се исплатени огромни долгови, меѓу 500 и 800 милиони евра.

„Отприлика немаме фактури кои се доспеани, а не се исплатени, освен оние кои не се доспеани“, рече Заев, наведувајќи дека е во полн ек реализцијата на капиталните инвестиции во изградба на патишта, пруги, за гасификација на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот